Во пукањето е повреден и 54-годишник. Сите тројца, како што објави Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово, му биле роднини на осомничениот 59-годишен убиец
Двајцата убиени во вчерашното пукање во тетовското село Челопек се татко и син на возраст од 52 и 28 години. Во пукањето е повреден и 54-годишник. Сите тројца, како што објави Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово, му биле роднини на осомничениот 59-годишен убиец. Сите живееле во истото село.

Изнесувајќи детали за инцидентот, од СВР Тетово соопштија дека осомничениот, кој, исто така, се здобил со повреди од огнено оружје, бил приведен во полициска станица и пренесен во болницата во Тетово каде што му била укажана лекарска помош. На местото на настанот е извршен увид од јавен обвинител и увидна екипа.
На местото биле пронајдени и одземени три пиштоли. Еден од пиштолите бил одземен од осомничениот, а останатите два биле пронајдени во непосредна близина на починатите.
„По наредба на јавен обвинител, телата на починатите се дадени на обдукција“,
информираат од СВР Тетово.
Според првичните информации на полицијата, како што вчера изјави министерот Оливер Спасовски, причината на двојното убиство се нерасчистени семејни имотни односи.