Лицата, чии имиња ниту иницијали не се наведуваат, имале посебни права и одговорности во „Еуростандард банка“ АД Скопје и овие дела ги сториле во периодот од три години – од 2017 година до 2020 година
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага за четири лица од пропаднатата „Еуростандард банка“ кои се осомничени дека ја довеле во стечај банката со тоа што сториле кривично дело предизвикување стечај (според Законот за банки) и продолжено привично дело перење пари (според Кривичниот законик).
Од Обвинителството посочуваат дека овие четири лица, чии имиња ниту иницијали не се наведуваат, кои имале посебни права и одговорности во „Еуростандард банка“ АД Скопје, овие дела ги сториле во периодот од три години – од 2017 година до 2020 година.
Стечај
Во соопштението од ОЈО се наведува дека тие го зголемиле ризикот од концентрација и масовно ја затскриле реалната способност на клиентите за подмирување на обврските и нереалната класификација, и погрешно ја известувале Народната банка и сите заинтересирани за финаниската состојба на „Еуростандард“.
Тоа предизвикало големи кредитни загуби на банката, со што го намалиле износот на сопствените средства на банката и наметнале потреба од значителна докапитализација на банката, а притоа не извршувале капитализација по мерка изречена од Гувернерот. Ова ја довело банката во стечај, односно депозитите не може да им бидат вратени во пари на доверителите, штедачите и депонентите на банката.
Поради нефункционални кредити за 149 правни лица била предизвикана штета од 3 378 030 720 денари (речиси 55 милиони евра), при што повластените кредитни должници со невраќање и неможност за присилно враќање на долг од кредитот се стекнале со корист, а штедачите и другите депоненти на банката биле оштетени, велат од ОЈО.
Перење пари
Овие лица, според ОЈО се осомничени и дека од 2017 година до 2020 година, во повеќе наврати овозможиле отворање на нерезидентни трансакциски сметки преку кои дозволите трансакции и воспоставиле деловен однос со правни лица.
„Иако имале обврска според Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, тие во Управата за финансиско разузнавање не пријавувале сомнителни трансакции кои укажуваат на перење пари, имот или имотна корист, а за што во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во 2020 година започнале предистражни постапки“,
велат од ОЈО.
Народната банка н 12 август лани и ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка – Скопје поради неисполнување минимални законски услови за работење.
Здружението на оштетени штедачи тврдат дека преку невиден грабеж во банката, кој се случувал со години, исчезнаа многу пари, речиси 60 милиони евра, како од заштеди така и од средства на тековни сметки на околу 3 000 семејства.
*Поврзани вести