Шведската безбедносна агенција на почетокот на месецов соопшти дека нејзината прелиминарна истрага за истекувањето гас од двата гасоводи Северен тек 1 и 2 во Балтичкото Море ги „засилила сомнежите дека станува збор за сериозна саботажа“ како причина за истекувањето
Прелиминарната истрага за штетата на двата гасоводи од „Северен тек“ во данскиот дел на Балтичкото Море покажале дека истекувањата на гас биле предизвикани од „силни експлозии“, соопшти полицијата на Копенхаген, пренесува регионалниот сервис на Радио слободна Европа (РСЕ).
Понатамошната истрага за пукнатините на гасоводите Северн тек 1 и 2, што се случија на 26 септември во појасот што е под исклучиво данска контрола, ќе ја водат копенхашката полиција и данската безбедносна и разузнавачка служба.
„Сè уште е рано да се зборува за рамките во кои ќе се одвива меѓународната соработка со, на пример, Шведска и Германија, бидејќи тоа зависи од повеќе страни“,
велат од копенхашката полиција.
Кон крајот на септември цевководите од „Северен тек“ беа оштетени во експлозии на четири места, две во шведските и две во данските води.
Сомневањата се дека станува збор за саботажа и за тоа е отворена истрага.
Шведската безбедносна агенција на почетокот на месецов соопшти дека нејзината прелиминарна истрага за истекувањето гас од двата гасоводи Северен тек 1 и 2 во Балтичкото Море ги „засилила сомнежите дека станува збор за сериозна саботажа“ како причина за истекувањето.
Од агенцијата тогаш информираа дека истрагата потврдила дека детонации предизвикале голема штета на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“. Властите навеле дека во моментот на истекувањето во близина на шведското и данското крајбрежје биле забележани експлозии во тие области.
Шведска одбива да ѝ дозволи на Русија да учествува во истрагата за истекувањата од гасоводот.
Инцидентот се случи во момент на голема затегнатост на односите помеѓу Европската Унија и Русија поради војната во Украина.
Данските власти претходно месецов објавија дека повеќе не истекува гас во делот од гасоводот во зоната што е под нејзина контрола.
Русија, од друга страна, ги отфрла сите обвинувања за наводна одговорност за оштетувањето на гасоводите и бара да биде вклучена во истрагата.