Министерот за поморски работи на Црна Гора, Филип Радуловиќ, изјави дека преговорите меѓу бродската компанија и иранската страна се во тек, како и дека надлежните државни органи се во постојан контакт со екипажот
Според Исламската револуционерна гарда, бродовите се запленети бидејќи пловеле без соодветни дозволи и манипулирале со навигациските системи
Иранските власти соопштија дека заплениле два контејнерски брода што се обидувале да излезат од Персискиот Залив преку Ормускиот Теснец, пренесува Си-ен-ен.

Станува збор за бродовите „МСЦ Франческа“ под панамско знаме и „Епаминондас“ под либериско знаме.
Според Исламската револуционерна гарда, бродовите се запленети бидејќи пловеле без соодветни дозволи и манипулирале со навигациските системи.
Оттаму предупредија дека секое нарушување на безбедноста во Ормускиот Теснец ќе се смета за пречекорување на црвената линија.
Грчкиот оператор „Техномар шипинг“ потврди дека бродот „Епаминондас“, со екипаж од 21 член, од кои најмногу се Украинци и Филипинци е погоден од ракети во близина на брегот на Оман, при што се оштетени делови од командниот мост, но дека екипажот останал безбеден.
„Наш приоритет останува безбедноста на нашиот екипаж. Соработуваме со сите релевантни засегнати страни за да ја обезбедиме нивната континуирана безбедност“,
се вели во соопштението од операторот.
Извори од поморската безбедност велат дека капетанот на бродот изјавил дека немал радиоконтакт пред нападот и дека бродот претходно добил дозвола за да помине низ Теснецот.
Бродот „МСЦ Франческа“ е погоден од огнено оружје западно од Иран, но не е оштетен и екипажот е безбеден.
На тој брод се превезувале и четворица црногорски морнари, кои според властите на Црна Гора се во добра состојба.
Министерот за поморски работи на Црна Гора, Филип Радуловиќ, изјави дека преговорите меѓу бродската компанија и иранската страна се во тек, како и дека надлежните државни органи се во постојан контакт со екипажот.
Посочи дека сите во Министерството се ангажирани во следењето на оваа ситуација и собирање на што е можно повеќе информации.
„Им ја упатуваме нашата целосна поддршка на морнарите и нивните семејства, со порака дека ќе направиме сè за позитивен исход од оваа ситуација и нивната безбедност“,
кажа тој.
Нападнат е и трет брод „Еуфорија“, но не бил оштетен и продолжил со пловидбата.
За потсетување, Техеран воведе строги ограничувања во пловидбата низ Ормускиот Теснец по бомбардирањата на Иран од страна на САД и Израел на 28 февруари.
Низ оваа стратегиски клучна морска рута, преку која вообичаено дневно поминуваат околу 130 брода и се транспортира околу 20 отсто од светското снабдување со нафта, сега сообраќајот е значително намален и се движи на ниво од само десетина бродови дневно.
По овие инциденти е забележано зголемување на цените на нафтата на светските берзи.
Откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД го продолжуваат прекинот на огнот со Иран, претседателот на иранскиот парламент и главен преговарач, Мохамед Бакер Калибаф, изјави дека продолжувањето на примирјето од страна на Трамп е трик за купување време.
Неколку часа откако рече дека нема намера да го продолжува прекинот на огнот, Трамп се премисли и најави дека ќе го продолжи примирјето со Иран сè додека Техеран не поднесе предлог за траен прекин на конфликтот.
Тој додаде дека ѝ наредил на американската војска да продолжи со блокадите и да остане подготвена во секој поглед.
