„Објавената вест за тоа дека Иран ѝ обезбедува беспилотни летала на Русија имаат политички амбиции и се шират од западни извори. Ние не обезбедивме оружје за ниту една од завојуваните страни“, соопштил портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Насер Канани
Иран утрово ги негираше тврдењата дека ја снабдува Русија со дронови, кои, како што објави западните медиуми повикувајќи се украинските власти, биле употребени во денешниот напад врз Киев од страна на руската војска.

„Објавената вест за тоа дека Иран и обезбедува беспилотни летала на Русија имаат политички амбиции и се шират од западни извори. Ние не обезбедивме оружје за ниту една од завојуваните страни“,
соопштил портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Насер Канани на прес-конференција, пренесува Ројтерс.
Утринава најмалку четири експлозии се слушнале во главниот град на Украина, Киев, откако се огласиле сирените за воздушен напад. Според првичните информации експлозиите биле предизвикани од беспилотни летала – а судејќи по звукот, најверојатно биле од иранско производство.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека како резултат на нападот со дрон избувнал пожар во нестанбена зграда, а исто така дека се оштетени станбени згради во централното подрачје на областа Шевченковски, јавува Би-би-си. Засега нема информации за жртви. Кличко предупреди дека воздушната закана продолжува и ги повика граѓаните да останат во засолништа.
Андриј Јермак, началникот на кабинетот на претседателот Зеленски, изјави дека нападите ги извршиле беспилотни летала камикази. Нападот се случи една недела откако неколку руски проектили го погодија главниот град за време на масовниот руски напад во кој загинаа 19 луѓе.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски преку Телеграм ги коментираше нападите врз Киев утринава.
„Цела ноќ и цело утро непријателот ги тероризира цивилите. Беспилотни летала и ракети камикази ја напаѓаат цела Украина. Во Киев е погодена станбена зграда. Непријателите може да ги нападнат нашите градови, но нема да можат да не скршат. Окупаторите ги чека праведна казна и осуда на идните генерации. Ќе избереме победа“, рече Зеленски.