Според експретседателот, во секоја демократска земја, во секоја земја членка на НАТО и на Европска Унија, за вакви изјави на премиер, паѓа владата
Дури и претходниот претседател, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, се огласи денеска преку Фејсбук со коментар за интервјуто за БГНЕС на премиерот Зоран Заев, кого го нарече „самопрогласен искусен политичар“ и му препорача да ги чита Крсте П, Мисирков, Џорџ Орвел и Манифестот на АСНОМ.
„Вчера македонскиот народ го виде правото лице на Заев. Овој самопрогласен ‘искусен политичар’ вчера докажа дека сме сведоци на национално предавство. Длабоко сум убеден дека македонската нација (и оние кои гласаа за него) ја согледаa предавничката улога на Заев и неговата клика. Во оваа пригода на ‘искусниот политичар’ му препорачувам соодветна лектира. Првин Манифестот на АСНОМ, кој јасно вели: ‘Под великобугарската окупација настанаја најтешките години на македонскиот народ’, ‘За Македонцките работи’ на Крсте Петков Мисирков, кој зборувајќи за слободата посочи на мрачните сили што не ѝ дозволуваат на нашата татковина сама со свои очи да ги гледа своите интереси, ами и наврзуваат очила што ја замрачуваат вистината. Воедно би му ја препорачал и ‘1984’ на Орвел кој напишал дека „кој го контролира минатото ја контролира иднината, а кој ја контролира сегашноста го контролира минатото,”
напиша Иванов.
Според Иванов, во секоја демократска земја, во секоја земја членка на НАТО и на Европска Унија, за вакви изјави на премиер, паѓа владата.
Поврзани вести: Се јави и експретседателот: Црвенковски го замрзнува членството во СДСМ додека ЦО не се огради од ставовите на Заев