Кои се гаранциите дека Град Скопје би бил поажурен во борбата со бесправното градење и како планира да го реши проблемот со дефицитот на кадар и финансии – скопскиот градоначалник Петре Шилегов во интервју за „360 Степени“ објаснува зошто бара законски измени и поголеми ингеренции во контролата на градењето на диво
Со сегашната законска рамка, се очекува да руши оној што дозволил да никне дивоизграден објект. Град Скопје е нем набљудувач кога се во прашање дивоградбите, затоа ни требаат законски промени со кои општините би продолжиле да даваат одобрение за градба, но инспекцијата на терен би ја презел Градот, вели во интервју за „360 Степени“, скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Градоначалникот смета дека на овој начин би се ставил крај на институционалниот „пинг-понг“ преку кој, како што вели, може полесно да се најде алиби отколку да се дејствува.
„Не е коректно Град Скопје да ја има таа позиција на нем посматрач. Затоа сметам дека градежната инспекција треба да премине во рацете на Градот. Има две бенефиции: Дефинитивно ќе дојде до дисбалансирање на правната моќ на општините, кои сега се исклучиво надлежни, тогаш ќе имаме двојност во правниот дел на јурисдикција и вториот момент е што мислам дека ќе се даде една вистинска позиција на Градот да може да интервенира во делот којшто се однесува на нелегалното градење. Идејата е дека ќе се дисбалансира фокусот на правната моќ. Општините ќе продолжат да си даваат дозволи за градба, но што се случува на самото место би контролирал Градот“,
вели Шилегов.
Шилегов за „360 степени“ одговара на прашањата – кои се гаранциите дека Град Скопје би бил поажурен кога е во прашање борбата со бесправното градење, како планира да го реши проблемот со дефицитот на кадар и финансии и што би донело најавеното ново законско решение за легализација на бесправни објекти.