Џафери за задутре ја закажа 39. седница, на чиј дневен ред е и интерпелацијата за министерот за внатрешни работи, поднесена од Алијанса/Алтернатива, а од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека ќе инсистираат да се расправа и за нејзините интерпелации за вицепремиерот и за министерот за правда
Пратениците ќе се соберат в среда на нова пленарна седница, по невообичаеното заседание во неделата за донесување на петтиот пакет антикризни мерки, при што беа изгласани и законите од 32. седница.
Спикерот Талат Џафери за задутре ја закажа 39. седница, засега со 15 точки на дневниот ред, меѓу кои е и интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, која кон крајот на февруари ја поднесоа пратениците од Алијанса/Алтернатива, по „исчезнувањето“, па појавувањето на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Во дневниот ред на новата седница ги нема засега интерпелациите што уште кон крајот на јануари ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ за министерот за правда Бојан Маричиќ и за вицепремиерот за спречување корупција Љупчо Николовски, поради 111. место за земјава на листата за перцепција на корупција на „Транспаренси“. Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ велат за „360 степени“ дека ќе инсистираат дневниот ред да биде дополнет со интерпелациите за Николовски и за Маричиќ, откако тие беа повлечени од дневниот ред на 36. седница, која заврши вчера, со изгласување на петтиот сет мерки.
ВМРО-ДПМНЕ кон крајот на минатиот месец ги повлече интерпелациите од дневниот ред на 36. седница, како што и Владата, како предлагач, ги повлече другите точки, согласно договорот што беше постигнат за деблокада на донесувањето на законите од петтиот пакет мерки. Расправата за интерпелации трае еден ден, а гласањето треба да биде до полноќ.