Претседателот на Советот на обвинители Ацо Колевски смета дека, независно од новите законски решенија, јавните обвинители мора да се придржуваат до начелата на законитост, објективност и непристрасност за да може да се заштитат од разни влијанија
Законот за јавното обвинителство нуди механизми за спречување влијанија, но тоа сепак не зависи од законските одредби туку од самите јавни обвинители и од тоа колку законитото, објективното и непристрасно ќе постапуваат, вели претседателот на Советот на јавните обвинители Ацо Колевски.
„Законот за ЈО може да воспостави одредени механизми за спречување на какви било влијанија, но самиот закон не е доволен за да го спречи тоа. Законитото, објективно и непристрасно постапување на јавните обвинители е најголемата брана за спречување на надворешните влијанија“,
вели Колевски во изјава за МИА.
Законот, како што појаснува, не донесува промени во однос на овластувањата на јавните обвинители, освен во однос на овластувањата на обвинителот во Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кој добива повеќе самостојност при извршување е на функцијата.
„Самостојноста на обвинителот за гонење организиран криминал и корупција е во тоа што без негова согласност републичкиот јавен обвинител нема да може да преземе кривично гонење или вршење на определени работи за кои е надлежно Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Исто така, јавните обвинители во ова обвинителство не можат да бидат времено упатени во друго обвинителство“,
вели Колевски
Претседателот на Советот на обвинители е покритичен во однос на новите решенија предвидени за телото со кое тој раководи.
„Со одредбата од член 109 од Законот за ЈО, спротивно на Законот за Совет на јавните обвинители, на Советот, практично, му се наметнува во кој правец да донесе одлука, со што се навлегува во неговата самостојност и во неговото овластување да го определува бројот на јавните обвинители во обвинителствата, конкретно во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Систематизацијата во јавните обвинителства, односно одлуката за зголемување на бројот на јавни обвинители во секое обвинителство се утврдува откако ќе се прибават податоци за бројот на кривичните пријави, предмети што се решаваат или сè уште се во фаза на кривична постапка, сложеноста на предметите, времето на донесување на одлука и други параметри“,
објаснува Колевски.
Донесената одлука за систематизација, како што вели, се носи врз основа на анализа на овие податоци и треба да биде одраз на реалните потреби во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
По долги политички преговарања и обиди да се обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот, Законот за јавно обвинителство беше донесен во неделата, на 16 февруари, само неколку часа пред распуштањето на парламентот. Новото законско решение ќе почне да се применува од 30 јуни годинава. На истата собраниска седница беа донесени и измени на Законот за Совет на обвинители, кој се приспособува кон новите решенија во системскиот Закон за ЈО.