Државната компанија МЕПСО деновиве беше „осудена“ да плати 6 милиони евра отштета бидејќи актуелното раководство на компанијата не било во право кога еднострано го раскинало договорот со босанската компанија „Енергоинвест“, за изградба на далноводот Битола – Охрид – Елбансан. На располагање стојат механизми за жалба, меѓудругото и арбитражна постапка. Сите опции значат и дополнителни трошоци
Во меѓувреме, МЕПСО потпиша договор со хрватски „Далековoд“ за завршување на 400-киловолтната врска со Албанија. Договорот е поскап од претходниот и покрај тоа што МЕПСО ја наследува купената опремата и извршените градежни работи од претходниот изведувач
На почетокот на април премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на поставување камен-темелник за изградба на 400-киловолтен далновод кој треба да ја поврзе Македонија со Албанија.
„Денес не зборуваме само за еден инфраструктурен проект, денес зборуваме за нешто многу поголемо, за поврзување, за стабилност и за иднината на двете држави во рамките на европското енергетско семејство“,
изјави тогаш Мицкоски.
Но, тоа не беше прв пат македонски премиер да даде изјава за истата работа.
„Со овој проект Македонија се позиционира како балканска раскрснца за електродистрибуција, овој далековод е дел од најголемиот капитален проект од 50 милиони евра во преносната енергетска мрежа на Северна Македонија со Албанија“,
кажа своевремено Ковачевски.
Причината за двата истоветни свечени настани, со временска разлика од четири години меѓу нив, е тоа што далноводот, навистина, почна да се гради два пати. И додека на терен е изградено малку со што државата би можела да се пофали, на хартија – АД МЕПСО треба да исплати околу 6 милиони евра за раскинување на договорот со првиот изведувач на проектот.
Вака изгледа мапата на постојната и планираната далекуводна електропреносна мрежа во Македонија. Со полни црвени линии се означени изградените 400-киловолтни линии. Со соседна Грција, земјава е поврзана со две, една кон Овчарани, друга кон Солун. На исток, со соседна Бугарија, 400-киловолтната линија на поврзување оди преку Крива Паланка до енергетската раскрсница близу гратчето Радомир. На север, има две вакви врски, едната води кон Врање во Србија, а другата кон Урошевац во Косово. Со црвени испрекинати линии, на запад е веќе споменатото поврзување со соседна Албанија – преку 400-киловолтен далновод од Битола преку Охрид до Елбасан.

Токму за последниот, далноводот Битола – Елбасан, МЕПСО потпиша договор за изградба на 7 февруари 2020 година. Парите беа обезбедени преку заем од Европската банка за обнова и развој. Вредноста на градежните работи изнесуваше 17,2 милиони евра. Меѓународниот тендер го доби компанијата „Енергоинвест“ од Босна и Херцеговина.
Финален рок на изградба, пишува во достапните документи, беше мај 2023 година. Дополнително, босанската државна фирма доби задолжение да го заврши проектирањето, да набави материјали и целосно да ја заврши изведбата на терен. Тоа е работа по системот жолт фидик, истиот начин на кој „Бехтел и Енка“ ги гради автопатите. По промената на власта, кон крајот на 2024 година, новото раководство на АД МЕПСО на чело со директорот Бурим Љатифи еднострано го раскина договорот со босанската „Енергоинвест“. Дел од причините беа – бавното темпо на изградба и тоа што изведувачот барал дополнителни финансиски средства.
На 28 април лани, АД МЕПСО тргна во потрага по нов изведувач.
„Жалам што повеќе од три децении и покрај политичкиот плурализам и демократските промени, немаше институционална храброст и визија да се воспостави електроенергетска врска со Албанија. Денес го исправаме тоа историско пропуштање“,
рече Љатифи.
Но, додека МЕПСО бараше, а потоа и најде нов изведувач, стариот водел битка во т.н. Д.А.Б. постапка, односно пред одбор за решавање на спорови согласно фидик-правилата. На 22 април годинава, фирмата од Сараево објави дека го добила спорот.
„Со оваа одлука се потврдени клучните позиции на „Енергоинвест“, вклучувајќи го и правото на речиси 6 милиони евра (заклучно со 10 април 2026 година, со дополнителна камата до исплатата), додека истовремено се одбиени најзначајните барања на другата страна во вкупна вредност поголема од 19,3 милиони евра“,
се вели во објавата на Енергоинвест.
360 степени ги побара двете страни во спорот. Од одговорите што ги добивме станува појасно – што е суштината на спорот, зошто земјава изгубила во Д.А.Б. постапката, но и како спорот би можел да се развива во блиска иднина.

Од МЕПСО тврдат дека го раскинале договорот бидејќи за четири години изведувачот извел само четири проценти од проектот. Дополнително, „Енергоинвест“ постојано барале зголемување на цената за 40 до 50 отсто, што според МЕПСО, е незаконски и спротивно на договорот.
„Постојат евиденции за еднострано напуштање на градилиштето од страна на изведувачот, како и условување со дополнителни финансиски барања… Одлука за раскинување на договорот постоеше и од претходниот менаџмент, што укажува на континуитет во оценката дека проектот е нефункционален во дадената форма“,
велат од АД МЕПСО.
Сараевската фирма, во одговорите до „360 степени“, потврдува дека работите не течеле мазно, но дека тоа не било по нивна вина.
„МЕПСО тврдеше дека има основа за раскинување поради наводно напуштање на работите и доцнење. „Енергоинвест“ го оспори тоа и укажуваше дека динамиката на проектот не може да се набљудува изолирано од претходните настани, особено прашањата за пристап до трасата, администрирањето на проектната документација и законското право на усогласување на цената поради исклучителниот раст на цените…“,
велат од Енергоинвест.

За тоа дека тие биле во право, а не МЕПСО, од „Енергоинвест“ посочуваат на одлуката во Д.А.Б. постапката.
„ДАБ (Одборот за решавање спорови) утврди дека „Енергоинвест“ имал право на усогласување на цената врз основа на член 656 од македонскиот Закон за облигациони односи, па по таа основа досуди износ во корист на „Енергоинвест“. Истовремено, ДАБ му призна на МЕПСО ограничен паричен износ, што е пресметано во конечниот нето финансиски ефект од одлуката. По разгледувањето на аргументите на двете страни, ДАБ ја прифати клучната позиција на „Енергоинвест“ во поглед на раскинувањето, утврдувајќи дека раскинувањето од страна на МЕПСО не било оправдано, а дека раскинувањето на „Енергоинвест“ било валидно“,
ни одговорија од Енергоинвест.
Од МЕПСО, пак, остануваат на ставот дека постапиле правилно и покрај изгубениот спор.
„Одлуките беа донесени и во согласност со националното законодавство на Република Северна Македонија. Одлуката за раскинување беше донесена и после спроведена детална и сеопфатна форензика на целиот проект од страна на сериозна и угледна меѓународна консултантска куќа, која постапуваше во согласност со правните регулативи“,
велат од АД МЕПСО.
Тука, сепак, не е крајот на овој спор. Македонската државна компанија, индиректно, вели дека засега нема намера да плати 6 милиони евра.

Од МЕПСО,најавија дека ќе поднесат нота на несогласување на одлуката, што, цитирам „ќе ги активира сите понатамошни правни механизми за заштита на државниот интерес, вклучително и поведување арбитражна постапка. Од „Енергоинвест“, пак, одговорија – „Енергоинвест“ ќе го следи извршувањето на одлуката на ДАБ и по потреба ќе продолжи со заштитата на своите права преку арбитражна постапка.
Додека земјава е соочена со постапка во која, на крај, можеби ќе мора да плати околу шест милиони евра на досегашниот изведувач, МЕПСО потпиша нов договор за изградба на далноводот кон Албанија.
„Интерконективниот далекувод Битола – Елбасан не е обичен далекувод, тоа е симбол на една затворена празнина која со години стоеше како пречка на нашиот пат“,
рече Мицкоски.

Изведувач, сега, е конзорциум предводен од компанијата ДАЛЕКОВОД од Хрватска. Вредноста на договорот изнесува 19,7 милиони евра. Тоа се 2,5 милиони евра повеќе од сумата предвидена со раскинатиот договор со босански „Енергоинвест“, иако новиот изведувач нема да почне од нула бидејќи значителен дел од опремата веќе лежи во магацините на АД МЕПСО, набавена токму од „Енергоинвест“.
Доколку се испочитуваат роковите во новиот договор, линијата треба да биде готова до јуни 2028 година. Дури и да се оствари планот, се чини дека Албанија својот дел ќе го заврши порано – кај нив веќе привршуваат работите на далноводот Елбасан – граница со Македонија.
