Член на тимот на СЗО кој е во Вухан повика на трпеливост додека не се добијат крајните одговори за потеклото на ковид – пандемијата
Новиот коронавирус не истекол ни случајно од Институтот за вирусологија во Вухан, тврдат од лабораторијата која се наоѓа во местото каде пред една година започна пандемијата, а која и по една година се уште не ставена под контрола.
Ова вчера му било кажано на меѓународниот тим составен од експерти на Светската здравствена организација (СЗО) кои бараат траги за тоа како започнала пандемијата со ковид-19.
Лабораторијата уште веднаш беше посочена како можен извор на првичната епидемија со протекување на вирусот во околината, бидејќи токму Вухан е епицентар на пандемијата.
Како друг извор беше посочен пазарот за морски плодови и месо од диви животни во градот.
Во изјава за Ен-би-си Њуз по вчерашната посета на експертите на СЗО, од Институтот за вирусологија во Вухан истакнуваат дека ќе продолжат да соработуваат за да помогнат во глобалната безбедност и заштитата на јавното здравје.
Еден од директорите, Јуан Циминг вели дека лабораторијата е во согласност со строгите барањата за меѓународно и национално управување со био-безбедносна лабораторија за извршување на научно-истражувачки активности.
„Многу години се спроведуваат безбедни и стабилни операции и никогаш немаше случајно истекување на патоген или инфекција кај персоналот“,
вели тој.
Денеска, член на тимот на СЗО повика на трпеливост, додека не се добијат крајните одговори за потеклото на ковид – пандемијата.
„Постојано велам дека треба да бидеме реални. Кратка мисија како оваа нема да ги има сите одговори, но помага да дознаеме повеќе за потеклото на вирусот во Вухан“,
објави д-р Хунг Нгуен-Виет на Твитер.
Друг член на тимот на СЗО, Питер Дазак, рече дека за време на посетата имале отворена и искрена дискусија, при што на сите клучни прашања добиле одговори.