Тој ја повтори осудата на отворањето клуб со вакво име, како и оценката дека тоа е провокација од мала група на луѓе кои не сакаат да видат добри односи со Република Бугарија
Премиерот Димитар Ковачевски коментирајќи го вчерашното отворање на бугарски клуб во Охрид со името „Цар Борис Трети“ рече дека смета оти ние имаме премногу либерално законодавство за формирање граѓански здруженија и организации.
„Во однос на правните аспекти, сметам дека имаме премногу либерално законодавство во однос на формирање на граѓански организации и здруженија и уште пред извесен период Министерството за правда доби задача да направи нов закон за граѓански здруженија и организации. Тие тоа го работат, но ги повикувам сите пратенички групи и еврејската заедница да земат учество бидејќи во тој најцрн период во европската историја, ако некој бил жртва тогаш тоа било еврејската заедница која од респектирана заедница денеска е сведена само на оние кои успеале да преживеат или нивните потомци“,
изјави денеска премиерот.
Тој ја повтори осудата на отворањето клуб со вакво име, како и оценката дека тоа е провокација од мала група на луѓе кои не сакаат да видат добри односи со Република Бугарија.
„Вчера јасно кажав дека го осудувам отворањето на клуб со такво име, но мора да бидеме свесни дека го имаат отворено македонски граѓани. Ако треба некому да реагираме тоа е на македонските граѓани кои живеат во нашата држава и треба да имаат чувство за граѓаните кои имаат резерва кон тоа име односно кон таа личност. Тоа не се однесува само на овој туку и на претходни клубови кои се отворени. Ние и како влада односно јас како премиер и политичката партија на која сум претседател СДСМ, кажавме дека тоа го осудуваме и тоа единствено е провокација на една мала група луѓе кои не сакаат да видат добри односи со Република Бугарија“,
рече Ковачевски.
Во однос на законодавство што го спомна премиерот, Министерството за правда рече дека е формирана работна група за изготвување нов закон за здруженија и фондации и истиот до крајот на октомври ќе се најде на сајтот на ЕНЕР.