Во однос на опозицијата, амбасадорката на САД нагласува дека треба да биде конструктивна, колку и ставовите да ѝ се спротивни со оние на владејачкото мнозинство, а институциите мора да се почитуваат
Ние сме многу разочарани што Бугарија одлучи да го блокира почетокот на преговорите. Сепак, го гледаме како позитивен знак тоа што Северна Македонија и Бугарија продолжуваат да разговараат за билатералните прашања да се стават надвор од процесот, со цел напредок во тој поглед, изјави американската амбасадорка во Скопје Кејт Брнз.
Во гостување на Канал 5, Брнз рече дека САД и натаму ќе се залагаат и ќе даваат поддршка тие прашања да останат настрана од процесот на пристапни преговори, бидејќи тоа ќе овозможи напредок.
Амбасадорката истакна дека решението за билатералните прашања ќе се постигне со билатерален дијалог.
Амбасадорката потенцира дека има потполна доверба во Влада дека ќе успее да постигне прифатлив договор со Бугарија, како и дека ќе успее да ги спроведе реформите во земјата. Во однос на опозицијата, пак, нагласи дека треба да биде конструктивна, колку и ставовите да ѝ се спротивни со оние на владејачкото мнозинство, а институциите мора да се почитуваат.
Таа оцени дека бугарското вето нанесува штета на повеќе нивоа, а меѓу другото, предизвика и сомнеж кај граѓаните во кредибилитетот на ЕУ и нејзината посветеност кон проширувањето.
„Мислам дека тоа ја отвори вратата за дезинформации. Затоа е важно тоа да не се дозволи. Поважно е да се има на ум дека, што и да се случи, најважните односи за земјава се со ЕУ и со НАТО и ништо нема да ги замени“,
посочи Брнз.