Секое противење или оневозможување на овој процес е на директна штета на кохезијата на трансатлантското семејство на народи и спротивно на интересите за стабилност и демократија во регионот, се посочува во соопштението од средбата на премиерот со американската амбасадорка
И САД посакуваат преговорите на Северна Македонија со ЕУ да почнат до крајот на годинава, како влог во стабилност на регионот и како важен процес за обезбедувањето просперитет за граѓаните, било посочено на денешната средба на премиерот Зоран Заев со американската амбасадорка во земјава Кејт Брнз.
На средбата, како што соопштија од Владата, се разговарало за актуелните процеси поврзани со евроинтеграциите за земјава, за стратешката соработка меѓу Северна Македонија и САД и за предизвиците во справувањето со пандемијата предизвикана од ковид-19.
Според Заев и Брнз, решавањето на билатералните прашања треба да остане надвор од преговарачката рамка меѓу Северна Македонија и ЕУ, а секое противење или оневозможување на овој процес е на директна штета на кохезијата на трансатлантското семејство на народи и спротивно на интересите за стабилност и демократија во регионот.
Амбасадорката на САД, како што се наведува во владиното соопштение од средбата, ги поздравила постапките на Владата за сузбивање на потпалувачкиот говор во јавноста и дала поддршка на напорите да се одржи конструктивниот и отворен дијалог по однос на овие прашања.
Премиерот Заев, како што се посочува, се придружи кон овие ставови и изрази надеж дека примерот на Владата во промоцијата на дијалогот како алатка за решенија ќе го следат сите чинители од земјата и регионот.
Заев изразил благодарност за стратешката и сојузничка поддршка што Северна Македонија ја добива од САД и заедно со амбасадорката ги потврдиле заложбите за постојана и суштинска соработка во справувањето со коронавирусот, како и за уште поголеми директни инвестиции од САД во развојот енергетиката, дигиталната економија и сајбер безбедноста, согласно безбедносните стандарди на НАТО.