Одлуката на Макрон да распише предвремени избори во Франција по поразот од Ле Пен на изборите за Европскиот парламент многумина, како што пишува „Гардијан“, ја оценуваат како потег со висок ризик
По тешкиот пораз од екстремно десничарскиот Национален фронт на Марин Ле Пен на изборите за Европскиот парламент и одлуката да распише предвремени парламентарни избори во земјата, францускиот претседател Емануел Макрон утрово во објава на социјалните мрежи порача дека има доверба во способноста на францускиот народ да го направи најправедниот избор за себе и за идните генерации.

„Мојата единствена амбиција е да бидам од корист за нашата земја што толку многу ја сакам“,
додаде Макрон во својата објава на социјалната платформа Икс.
Des élections législatives se tiendront le 30 juin et le 7 juillet.
— Emmanuel Macron (@EmmanuelMacron) June 10, 2024
J’ai confiance en la capacité du peuple français à faire le choix le plus juste pour lui-même et pour les générations futures.
Ma seule ambition est d’être utile à notre pays que j’aime tant.
По објавувањето на прелиминарните резултати од изборите за Европскиот парламент, претседателот на Франција синоќа во обраќање до нацијата соопшти дека го распушта парламентот на земјата и распишува вонредни избори.
Првиот круг на изборите за Националното собрание на Франција ќе се одржи на 30 јуни, а вториот на 7 јули.
Макрон во говорот рече дека не може да се преправа дека ништо не се случило и дека подемот на националистите е опасност за Франција и за Европа.
„Одлуката е сериозна и тешка, но пред сè е чин на доверба. На Франција ѝ треба јасно мнозинство за да дејствува мирно и хармонично“,
рече Макрон во обраќањето до нацијата од Елисејската палата.
Според прелиминарните резултати, екстремнодесничарскиот Национален фронт на Марин Ле Пен на изборите за Европскиот парламент освои 31,5 отсто од гласовите наспроти 15 отсто колку што има центристичкиот блок на Макрон.
Француската крајнодесничарска лидерка Марин Ле Пен ја поздрави одлуката на Макрон за распишување на предвремени избори во земјата велејќи дека нејзината партија е подготвена да ја преземе власта доколку Французите ѝ ја дадат довербата на изборите.

Одлуката на Макрон многумина, како што пишува „Гардијан“, ја оценуваат како потег со висок ризик.
И покрај тоа што центристичките партии го задржаа мнозинството во Европскиот парламент, сепак, партиите од екстремната десница забележаа низа победи од висок профил, меѓу кои е убедливата победа на Ле Пен во Франција.
Првичните резултати од евроизборите објавени на веб-страницата на Европскиот парламент врз основа на излезните анкети во дел од земјите од ЕУ покажуваат дека десничарската Европска народна партија (ЕПП) освои најмногу гласови на изборите за европратеници и ќе остане најмногубројна политичка групација во Европскиот парламент. Според првичните проекции на бројот на освоени мандати, ЕПП предничи со 184, пред Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) со 139 европратеници.
Трети по број на освоени мандати, според досегашните резултати, се либералите – 80 мандати, пред десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) со 73 и екстремнодесничарска групација Идентитет и демократија (ИД) со 58 места. Блокот на Зелените и Европска слободна алијанса (ЕФА) освои меѓу 52 европратеници, а Левицата 36 места.