Од Меѓународната агенција за атомска енергија соопштија дека безбедносни системи на украинската нуклеарна централа Запорожје не се оштетени и нема истекување на радиоактивен материјал
Во пожарот што избувна од руското гранатирање на украинската нуклеарна централа во Запорожје загинаа неколку лица, а неколку се повредени, соопшти украинското Министерство за надворешни работи.
Вработените ја следат централата во Запорожје за да се уверат дека таа работи безбедно и дека нивото на радијација во моментов е нормално, се вели во соопштението на Министерството објавено на Фејсбук.

Но, предупредуваат дека доколку се наруши процесот на ладење на нуклеарното гориво во енергетските единици, може да дојде до широки радиоактивни оштетувања.
„Илјадници луѓе – вклучително и цивили кои во моментов не можат да ја евакуираат областа во близина на централата поради тековните гранатирања и борби – би биле засегнати од ова“,
се вели во соопштението.
Министерството е на линија на изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека нуклеарната катастрофа во Запорожје би можела да биде полоша од претходните несреќи во нуклеарните централи – како во Чернобил и Фукушима.
„Русија свесно презеде вооружен напад на локацијата за нуклеарна енергија, акција што ги прекрши сите меѓународни договори во рамките на МААЕ [Меѓународната агенција за атомска енергија]“,
се додава во соопштението.
Министерството ја повикува меѓународната заедница да помогне да се принудат руските војници да излезат од областа, за да се обезбеди нејзината безбедност.
Зеленски претходно им се обрати на граѓаните на Русија и им порача дека треба да им кажат на своите власти дека сакаат да живеат во земја без радиоактивна контаминација.
Според шефот на украинската држава, како што пренесе Интерфакс Украина, нападот на руската армија врз нуклеарната централа Запорожје можел да ја запре историјата.
„Руски народе, како може ова да се случува? Заедно се боревме со последиците од катастрофата во Чернобил во 1986 година. Мора да се сеќавате на пепелот распрскан по експлозијата. На жртвите. Мора да се сеќавате на сјајот над уништената енергетска единица. Мора да се сеќавате на евакуацијата од Припијат и зоната од 30 километри. Како можете да заборавите?Ако не сте заборавиле, не можете да молчите. Морате да им кажете на своите власти, да излезете на улица и да кажете дека сакате да живеете. Да живеете во земја без радиоактивна контаминација. Радијацијата не знае каде е границата на Русија“,
рече Зеленски во обраќањето.
Украина во раните утрински часови соопшти дека рускиот напад на нуклеарната централа предизвикал пожар на една од зградите во централата – објект за обука на пет ката. Самата централа не е зафатена, но се стравуваше дека пожарот може да се прошири доколку не биде брзо локализиран.
Од Меѓународната агенција за атомска енергија соопштија декаб Безбедносни системи на украинската нуклеарна централа Запорожје не се оштетени и нема истекување на радиоактивен материјал.

„Во текот на ноќта проектил погоди зграда во рамки на комплексот на нуклеарната централа. Зградата не е дел од реакторите. Ова предизвика локален пожар, што беше изгаснат. Сите безбедносни системи на нуклеарната централа не се оштетени. Нема истекување на радиоактивен материјал“,
изјави шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Гроси.