„360 степени“ дојде до факсимил од оставката што Мемети ја поднел до претседателот на Собранието, Африм Гаши. Од него може да се види дека тој оставката ја поднел на 9 август и дека истиот ден таа била примена и архивирана од собраниските служби
Врховниот судија Наке Георгиев, како првоосомничен, и членот на Советот на јавни обвинители Мемети се гонеа поради барање поткуп за да влијаат во постапката што се води против поранешниот градоначалник на Ново Село Боро Стојчев, кој пак беше уапсен со поголема група поради шверц на марихуана
Иницијатива за склучување на спогодба со Обвинителството поднел и судијата Георгиев
Иџет Мемети си поднесе оставка од функцијата член на Советот на јавни обвинители. Ова доаѓа откако во мај годинава Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГООК) против него и против врховниот судија Наке Георгиев отвори истрага поради примање поткуп.
„360 степени“ дојде до факсимил од оставката што Мемети ја поднел до претстседателот на Собранието, Африм Гаши.
Од него може да се види дека тој оставката ја поднел на 9 август и дека истиот ден таа била примена и архивирана од собраниските служби.
„Согласно чл. 35 ст. 1 т. 2 од Законот за Советот на јавните обвинители барам да ми престане мандатот – член на Совет на јавни обвинители на Република Северна Македонија. Се работи за моја неотповиклива оставка од лични причини“,
се наведува во оставката на Мемети.
Но, ова не е единствената постапка што Мемети ја презел деновиве.
(За) што се спогодиле Мемети и Обвинителството
Од ОЈО ГОКК попладнево информираа дека тој признал вина за кривичното дело кое му се ставаше на товар и склучил предлог-спогодба со Обвинителството, со која од двете страни се согласиле на Мемети да му биде изречена условна казна затвор од една година, која нема да се изврши доколку во рок од три години не стори ново кривично дело.
Дополнително, спогодбата, според Обвинителството, предвидува на Мемети да му биде изречена судска забрана за вршење на професијата, како и службена функција во период од три години.
Спогодбата, како што информираат од Обвинителството, била постигната пред поднесување на обвинителен предлог за случајот за што според Кривичниот законик е предвидена затворска казна од една до пет години.
Со иницијативата за склучување на спогодбата, Мемети до ОЈО ГОКК ја доставил и неотповиливата оставка што претходно ја доставил до Собранието на Република Северна Македонија.
„По спроведената постапка, а пред поднесување на обвинителен предлог, предметниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција склучи Предлог–спогодба со осомничениот И.М. за кој постоеше основано сомнение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание од член 359 став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик за кое е пропишана затворска казна од 1 до 5 години. Претходно, со поднесената иницијатива за спогодување, осомничениот И.М до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција достави и поднесена неотповиклива оставка како член на Совет на јавни обвинители која ја доставил до Собранието на РСМ. Странките се согласија на осомничениот И.М. за стореното кривично дело да му биде изречена казна алтернативна мерка – условна осуда со утврдена казна затвор во траење од една година, која нема да се изврши доколку осомничениот во рок од три години не стори ново кривично дело, како и судот да му изрече и Забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од 3 (три) години, бидејќи истиот ја злоупотребил својата професија, дејност или должност заради извршувањето на кривичното дело и врз основа на природата на извршеното дело и околностите под кои е сторено, може да се очекува дека таквата дејност ќе ја злоупотреби за повторно вршење кривично дело“,
се наведува во соопштението на Обвинителството.
Инаку, врховниот судија Наке Георгиев како првоосомничен и членот на Советот на јавни обвинители Мемети беа уапсени поради барање поткуп за да влијаат во постапката што се води против поранешниот градоначалник на Ново Село Боро Стојчев, кој пак беше уапсен со поголема група поради шверц на марихуана.
Што утврдила истрагата, а Мемети признал
Според Обвинителството, Мемети по претходен договор со Георгиев во текот на април и мај годинава, преку врховниот судија му пренел на синот на Стојчев дека наводно интеревенирал да не се поднесе обвинителен акт во случај со неговиот татко, туку да се склучи предлог-спогодба во која висината на казната што би му била одредена да изнесува пет години затвор.
Георгиев и Mемети комуницирале преку апликацијата Ватсап (Whatsapp), а членот на Советот на јавни обвинители не знаел дека тие разговори ги слуша и синот на Стојчев.
„За кривичниот предмет што се водел во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против таткото на сведокот, И.М бил претходно запознаен од страна на Н.Г. При неколкукратна меѓусебна комуникација преку интернет-апликацијата Ватсап, Н.Г. во присуство на сведокот разговарал со И.М. кој не знаел дека разговорите ги слушал и сведокот. Во еден од тие разговори, сведокот дознал дека наводно од страна на И.М. бил даден налог за спогодување со таткото на сведокот и дека ќе биде одобрено барањето за склучување на предлог-спогодба со осомничениот – татко на сведокот. Притоа, на сведокот од страна на осомничениот Н.Г. му било предочено дека при утврдување на видот и висината на казната ќе биде предложена и утврдена казна затвор од 5 (пет) години, како минимална казна за предметното кривично дело, која како таква подоцна ќе биде и одобрена и дека истата е резултат на нивната интервенција“,
се вели во соопштението на Обвинителството.
Оттаму велат дека, соочен со прибраните докази, Мемети со самото потпишување на предлог-спогодбата ја признал вината, не го спори кривичното дело што му се става на товар и се согласува со кривичната санкција.
„Осомничениот И.М. во присуство на неговиот бранител свесно и доброволно ја прифати Предлог–спогодбата и последиците што произлегуваат од неа и се откажа од правото на жалба доколку се донесе пресуда со која се прифаќа предлог-спогодбата. Предлог-спогодбата со сите прибрани докази е доставена до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје кој треба да закаже рочиште за оцена на предлог–спогодбата и доколку истата биде оценета како прифатлива, надлежниот суд ќе донесе пресуда која се заснова врз предлог-спогодбата“,
велат од ОЈО ГОКК.
И судијата Георгиев бара спогодба
Инаку, како што дополнително информираат ОЈО ГОКК, иницијатива за склучување на спогодба со Обвинителството поднел и првоосомничениот врховен судија Наке Георгиев, кој за разлика од Мемети, се соочува со затворска казна од една до 10 години.
„Со оглед на фактот дека со дејствијата на Н.Г. се исполнети законските битија на квалификаторниот облик на кривичното дело од чл. 359 од став 7, за кое е запретена казна затвор од 1 до 10 години, по поднесена иницијатива за спогодување и од осомничениот Н.Г., во тек е постапка за склучување предлог-спогодба со која би се утврдила ефективна казна затвор, а за исходот јавноста ќе биде навремено известена“,
велат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
По отворањето на случајот во мај, Кривичниот суд на предлог Обвинителството, на Георгиев му одреди 30-дневен притвор, додека на Мемети му беа одредени мерки на претпазливост, односно судот му го одзеде пасошот и му наложи повремено да се јавува на службено лице во Судот.
По завршувањето на рочиштето на кое му беа одредени мерките, Мемети во изјава за медиумите рече дека е во интерес на сите постапката да заврши што побрзо и оти е уверен дека на крајот ќе излезе дека не сторил ништо противзаконски.
„Видете, ова секако дека како човек ме погаѓа, меѓутоа и вчера имав изјава, не е добро да зборувам пред медиумите за работа која се води по судски пат. Но, ве уверувам дека многу брзо ќе заврши и на крајот ќе излезе дека ништо противзаконито не сум сторил“,
изјави тогаш осомничениот заменик-претседател на Советот на јавни обвинители.