И премиерот Зоран Заев, како и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, тврди дека обрасци за лични документи има, но проблемот е што има навала од граѓани.
Во вечерашното гостување на „Топ Тема“ на Телма ТВ, премиерот уверуваше дека документи се издаваат и ги имаме сити обрасци, а потсети и на изјавите на Спасовски.
„Објаснето е детално. Имаме навала на вадење документи зошто сега се отворија границите, по една година од пандемијата“,
рече Заев.
Зголемената побарувачка тој ја објасни со тоа што на дел од граѓаните им застареле пасошите и не ги обновиле затоа што не им биле потреби, па сега и тие граѓани и оние на кои реално им истекува рокот на личните документи сакаат ред лето да ги извадат документи.
За регистарските таблички, Заев вели дека 14 000 веќе се пуштени, а во петок ќе пристигнат и нови 30 000.
„Тендерски процедури се и се запазуваат, има постапки на жалби и сл. Ние немаме проблем. Не е до парите, не е до тоа дали имаме ресурси“,
рече Заев.
Министерот Спасовски во изјавата го посочи истиот проблем – зголемена побарувачка на пасоши. Исто така, потсети и дека пасоши нема да се издаваат од денеска до понеделник поради миграција на податоците во нов систем.
„Лични документи се издаваат и сега, едноставно имаше зголемен обем на побарувачка поради ковид-кризата, многу од луѓето не виделе дека им истекува рокот на важноста на личните документи. Имаме најава дека од денеска од 21 часот ќе имаме миграција на податоци во новиот систем за издавање документи, тоа е процедура којашто мораме да ја завршиме, бидејќи на тоа не обврзуваат и законите и Уставот и веќе од понеделник повторно започнуваме со нормално функционирање. Застојот ќе биде во четврток, петок и викендов“,
рече Спасовски.