Народниот правобранител изразува загриженост во однос на повторниот прекин на издавање лични карти, патни исправи, возачки дозволи од страна на Министерството за внатрешни работи и смета дека ваквиот потег сериозно ќе влијае на остварување многу други права на граѓаните. Со оглед на тоа што минатата година поради пандемијата и рестриктивните мерки голем број на граѓани не ги обновија личните документи, а дел, пак, не можеа да ги продолжат поради затворените граници, омбудсманот оценува дека надлежното Министерство требало да предвиди ваква ситуација и да го приспособи работењето.
„Менувањето на системот или неговата надградба во период кога е очекувано да има зголемен прилив на барања за издавање документи е несоодветно и претставува повреда на правата на граѓаните, поради што народниот правобранител по сопствена иницијатива ќе ги испита евентуални пропусти во работењето на надлежните служби во Министерството за внатрешни работи, кои би биле причина за прекините во издавањето на документите на граѓаните. Истовремено, народниот правобранител бара Министерството за внатрешни работи во делокруг на своето работење да испита зошто граѓаните се доведени во ваква ситуација и да утврди одговорност за евентуалниот пропуст на службите“,
пишува во соопштението од Народниот правобранител.
Како што соопшти МВР, од денеска па до 27 овој месец нема да се примаат барања и нема да се издаваат лични документи – лична карта, пасош и возачка дозвола, а како причина се наведува „миграција во нов систем“.
„Сите што имаат термини за аплицирање за лични документи во итна постапка за 23, 24 и 25 јуни, да дојдат во просториите каде што имаат закажан термин на 22 јуни во текот на целиот работен ден или на 23 јуни до 12 часот. Оние, пак, кои имаат термини за 23, 24 и 25 јуни во редовна постапка, да дојдат од 28 јуни до 2 јули на истите тие места“,
извести МВР во понеделникот.