Дефинитивно беше потребна храброст за да преминеме преку коментарите во јавноста за претходните видеа кои беа дел од овој предизвик и сепак да ја оствариме нашата замисла, велат од „Тиквеш“ за искуството со танцувачкиот предизвик „Џерусалема“
И вработените во винарницата „Тиквеш“ се приклучија кон интернационалниот танцувачки предизвик „Џерусалема“ чија цел е да се испрати порака за единство и ведрина во време на светската пандемија.
„Токму на денот на Св. Трифун сакаме да ја промовираме пораката за надежта и желбите за просперитетната година која не очекува. Да го подигнеме духот и моралот, да ги приближиме различностите и барем на момент да се расположиме и да избегаме од реалноста.Покрај тоа, се надеваме дека приклучувањето кон еден ваков глобален предизвик ќе придонесе за луѓето надвор од земјава да ја запознаат Македонија како винска земја, а воедно и да го промовираме Тиквеш како еден од најголемите национални брендови до пошироката светска публика“,
велат од Тиквеш.
Од компанијата посочуваат дека една од најголемите придобивки била припремата на кореографијата, вежбање и снимањето, кои придонеле за извонреден тим билдинг.
„Токму тоа ни недостигаше во текот на минатата година и успеавме да ја вратиме енергијата во тимот преку ова дружење, преку чувството дека сме сите заедно во ова и дека ја споделуваме истата позитивна енергија“,
велат од Тиквеш.
Од комуникациски аспект, додаваат од компанијата, дефинитивно беше потребна храброст за да се премине преку коментарите во јавноста за претходните видеа кои беа дел од овој предизвик.
„За нас ова не беше само прифаќање и преземање на некаков онлјан предизвик, туку сакавме да го подигнеме критериумот и да го искористиме моментумот за да подготвиме понеформално копороративно видео со кое ќе ја претставиме ВВ Тиквеш. Ако погледнете одблиску, низ кадрите се претставени главните аспекти од процесот на производство на вино, видеото дозволува прошетка низ различните сектори во винаријата, низ насадите, а лесно може да се видат и капацитетите со кои располага компанијата. Ова е особено важно за нас како компанија, но и за Македонија доколку сакаме да биде светски препознаена како винска земја“,
велат од Тиквеш.
На танцувачкиот предизвик „Џерусалема“ претходно заиграа и вработените од УНИ банка, како и членките на Форумот на жени на СДСМ од Прилеп, по што беа мета на критики, потсмев и говор на омраза на социјалните мрежи.