Ова е видеото на кое се гледа како дваесетина вработени од УНИ банка, од службеници до директори, играат на песната „Џерусалема“. И кога беше објавено и сега, малкумина во земјава знаат дека станува збор за одговор на интернет-предизвик, во случајот танцувачки.
Оригиналниот мотив на тој предизвик е да се испрати ведрина во периодот на пандемијата на ковид-19, но кај нас голем дел од публиката на социјалните мрежи реагираше негативно, па дури и вулгарно:
„Мајко мила, што си ме родила, еден нормален не остана во државичево.“
„Абе луѓе, се танцува кога на сите им е убаво, а не на една рака народ.“
„Што сакаат да докажат со ова танцување, дека се моќни, недостижни или се една нула, беда од народ.“
„Телетабиси“,
се дел од коментарите.
На такви коментари не се надевале ниту членките на Форумот на жени на СДСМ од Прилеп. Тие го снимија и го објавија предизвикот „Џерусалема“ пред банкарите.
„Овие сите луди на чело со лидерот.“
„Колку само глупава ситуација. Срамота.“
„Од која лудница се избегани забеганиве?“,
пишува во коментарите.
„Тоа е општа особеност на технологијата, особено на комуникациските технологии, да ги засилува веќе постоечките вредности и навики во самото општество. Ако во општеството има многу омраза, тогаш на социјалните мрежи ќе има говор на омраза“,
смета комуникологот Сеад Џигал.
„Се претвори во еден контраефект од оној којшто иницијално бил замислен од тие коишто решиле да го промовираат. Очигледно не е компатибилно со македонската култура, македонскиот начин на изразување емоции“,
вели универзитетскиот професор Атанас Кирјаковски.
Нашите соговорници објаснуваат дека „Џерусалема“ и многу други слични танцувачки предизвици како „Харлемшејк“, „Макарена“ и „Гангнам“, се всушност „мем“ или „меме“.
„Мемето доаѓа од ’mimema’ кој е старогрчки термин кој би се превел како нешто што се имитира. Меметика е пандан на генетика која ги проучува гените како носители на информации коишто пропагираат во една биолошка средина. Меметиката, односно мемите, како пандан на гените, се нешто што пропагира во одреден културолошки контекст“,
објаснува Кирјаковски.
„Тоа се еден вид вирални содржини коишто брзо се шират на интернет, особено преку социјалните мрежи каде што корисниците ги споделуваат, ги шират, ги препорачуваат, ги лајкуваат итн. и тие стануваат вирални“,
вели Џигал.
А, еве како почна предизвикот „Џерусалема“. Песната е на автор од Јужнoaфриканската Република, Мастер КГ, и е објавена во ноември 2019 година.
Првично е добро прифатена дома и во делови од Африка, а од февруари 2020 почнува да станува популарна и пошироко. Тогаш ова друштво од Ангола ја прави „заразната“ кореографија и видеото го прикачува на интернет.
Тоа станува неверојатно популарно и се претвора во предизвик за кореографијата да ја изведат различни групи и организации од многу земји. Танцуваат ученици, доктори и медицински персонал, па дури и полицајци и војници. Меѓу најновите е видеото на швајцарската полиција на кое танцуваат припадници на повеќе нејзини единици.
Дел од луѓето што танцуваат велат дека „Џерусалема“ предизвикува емпатија кон луѓето кои се борат со ковид-19 и со последиците.
„Тоа е повеќе од танц. Ова е прослава на преживеаните. Тоа е победа во тешки и непознати времиња“,
вели медицинско лице кое танцува на едно од видеата.
Првото видео со кореографијата на „Џерусалема“ за нецела година има над 15 милиони и 300 илјади прегледи, а и видеата на оние што одговорија на предизвикот имаат милионски кликови.
„Нивната тајна или нивниот рецепт е неколкуслоен. Прво, тие се високоафективни, предизвикуваат некоја емотивна реакција – или се многу смешни, или се многу шокантни, или се многу пријатни, или будат некој наш детски инстинкт да танцуваме, да се ослободиме, да пееме итн.“,
вели комуникологот Џигал.
„Наша социјална норма е да се споделува тагата во време на умирачка, додека такво меме од типот на ‘Џерусалема’ – ајде сега ќе играме во време на траор, всушност, би имало контраефект. Веројатно и затоа не е прифатено од тој аспект“,
смета професорот Кирјаковски.
Кога нешто „однадвор“ сакаме да ѝ го сервираме на домашната публика, треба да го земеме предвид културолошкиот момент – ќе помине ова кај нас или не и како да се приспособи на домашните културолошки специфики?
„Дали нешто што е позитивно на Запад или во некоја друга источна земја, Турција, Русија или каде и да е, ќе видите дека е вирално, како да го примените тука. Мора веднаш да размислувате два-три чекори напред, какви реакции тоа ќе има“,
рече Џигал.
„Делува несериозно, делува исмејувачки, делува инфантилно затоа што мислам дека кај нас луѓево си го поврзуваат – како ти е дојдено до смеење во вакви моменти? Во некои култури тоа е компатибилно“,
смета Кирјаковски.
Дали културолошки специфики може да се оценуваат како добри или лоши? Дали треба да се променат или да се негуваат?
„Тоа не значи дека ние сме целосно затворени или целосно ригидни. На пример, самиот факт што носиме фармерки покажува дека не сме. Значи, внесуваме идеи од разни други култури“,
тврди Кирјаковски.
„Прогресивен Запад и назаден Балкан и сега сѐ што е од Запад е добро, сѐ што е наше е лошо, па дури и кога ние го копираме Западот тоа не е добро. Во таа смисла треба да се применат некои позитивни пракси. Се разбира, да учиме и применуваме нешто што е веќе пробано, но и да се приспособува, да му се даде некоја локална вредност“,
вели Џигал.
Во метежот во центарот на Скопје успеавме да најдеме малкумина соговорници на тема „Џерусалема“. Покрај општата затвореност да се зборува јавно, голем дел не знаеја што е тоа. Некои се сетија кога ја слушнаа песната и погледнаа дел од видеата.
„Навистина е ’кечи’ и луѓето можат да ја шират добрата идеја за движење, за заедништво, за солидарност, помагање едни на други во овие тешки времиња“,
вели наша соговорничка.
„Имаше критики на Фејсбук зошто го прават тоа. А зошто да не го прават? Мислам мене лично ми се допадна, а зошто имаше критики толку многу не можам да сфатам. Зошто се критикуваат? Нешто убаво ни се случи и ние за критики сме родени, нели?“
прашува жителка на Скопје.
„Секоја работа наидува на такви негативни коментари, не само оваа. Секоја работа, на пример, кога човек сака да направи нешто добро. Не се сите луѓе исти. Не можеме да бидеме исти. На пример, јас и ти имаме позитивно мислење за ова, некој друг има негативно мислење. За секоја работа, не само за оваа“,
рече жител на Скопје.
А што мислат оние што ја „донесоа“ „Џерусалема“ во земјава? Од Форумот на жени на СДСМ – Прилеп велат дека се чувствуваат разочарано и понижено поради говорот на омраза на социјалните мрежи додека тие сакале да изразат надеж и поддршка за нивните херои – здравствените работници.
„Во навредите искажани на наша сметка, имаше сѐ – од сексизам до психичко насилство. Ние, жените од Форумот, сме жени со авторитет во средината каде што живееме и работиме, жени со кариера, сопруги, мајки, снаи… Сето она што ние го доживеавме заедно со нас го преживуваа и нашите семејства, нашите деца кои во тој период се срамеа од нас поради реакциите на другарчињата“,
велат од Форумот на жени на СДСМ од Прилеп.
Од УНИ Банка, пак, по долги преговори, одлучија да не коментираат јавно за нивното искуство со „Џерусалема“.