„На ажурираната листа на санкции на САД се најдоа двајца граѓани од кај нас. Ги имате таму причините зошто се тие дел од оваа листа на санкции. Можам да кажам дека во периодот што следува уште многу потврди на сето она што сме го имале како сомневање ќе излезе во јавноста и јавноста ќе биде запознаена“, рече денеска премиерот
Во минатото многупати зборувавме за сето ова за кое и официјално сега нашите стратешки партнери и меѓународната заедница го посочуваат. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар за ставањето на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби од Демократската Унија за интеграција (ДУИ) и на судијата во Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, на т.н. „црна листа“ на Соединетите Американски Држави.

„На ажурираната листа на санкции на САД се најдоа двајца граѓани од кај нас. Ги имате таму причините зошто се тие дел од оваа листа на санкции. Можам да кажам дека во периодот што следува уште многу потврди на сето она што сме го имале како сомневање ќе излезе во јавноста и јавноста ќе биде запознаена“,
рече тој.
Американскиот Стејт департмент вчера соопшти дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби од Демократската унија за интеграција (ДУИ) и судијата во Апелацискиот суд во Скопје, Енвер Беџети, се ставени на т.н. „црна листа“ на САД.
Груби и Беџети се најдоа на листата на санкционирани поради вмешаност во „значителна корупција“, конкретно поради примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со ексдиректор на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.
Покрај Груби и Беџети, на најновото проширување на американската „црна листа“ се наоѓаат и членови на нивните потесни семејства.
Во врска со нивното санкционирање, американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер преку објава на социјалните мрежи, меѓу другото, порача дека политичкото мешање во судството не може и нема да се толерира.
Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби вчеравечер преку социјалните мрежи се огласи во врска со неговото ставање на т.н. „црната листа“ на САД, за што, како што вели, дознал од медиумите и додава дека оваа одлука на американскиот Стејт департмент го засега директно и лично.
Инаку, Груби беше прв вицепремиер во владите на СДСМ и ДУИ, партии кои се најдоа во опозиција по овогодишните парламентарни избори, а судијата Енвер Беџети стана познат во јавноста по чувањето во фиока на предметот за случајот „Таргет-Тврдина“ во кој првообвинет беше ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.
Годинава на американската „црна листа“ се најдоа поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и актуелниот градоначалник на општината Карпош, Стевчо Јакимовски. Минатата година се најдоа и имињата на ексвицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, бизнисменот Орце Камчев, бизнисменот Сергеј Самсоненко и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. На оваа листа тие им се придружија на експремиерот Никола Груевски и на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.