Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, го обвини Коневски дека поседува стан и деловен простор во спорната зграда која се изгради во зеленилото кај „Мајчин дом“ и дека поради тоа три години немал кажано ништо против лидерот на СДСМ. Коневски, пак, најави дека ќе го тужи
По препукувањата меѓу ексградоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски и портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, поради неговиот повик за промени во партијата, со критики и обвинувања против Коневски се јави и другиот партиски портпарол на опозицијата, Наум Стоилковски.
Тој го обвини Коневски дека поседува стан и деловен простор во новата зграда во Аеродром, која беше цел на критики во јавноста бидејќи маркичката за неа беше вцртана во зеленило и дека поради тоа не зборувал ништо против лидерот на СДСМ.
„За Ивица (комшијата) Коневски, бидејќи влегува во материјална расправа, еве малку материјал за него. Ја знаете зградата околу која се крена цел Аеродром кај ‘Мајчин дом’. Е, токму во таа зграда Коневски има стан и деловен простор над 350 м2. Патем, во истата зграда има стан и кумот на Марин. Ако се чудите зошто Коневски никаде го немаше овие три години да каже нешто против Зоран Заев, човекот беше зафатен со други работи, листовите подолу кажуваат повеќе. Членовите на ВМРО-ДПМНЕ во ВМРО гледаат кауза, а очигледно оние што бараат промени во ВМРО гледаат ДООЕЛ. Тоа е разликата поради која Ивица Коневски тежи минус 4 илјади гласови“,
вели Стоилковски.
Коневски веднаш му возврати на Стоилковски и најави тужба.
„Против портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, ќе поднесам тужба за изнесените лаги и клевети и тој за многу кратко време јавно ќе се извини“,
напиша тој на својот профил на Фејсбук.
Препукувањата со Коневски почнаа откако тој утрово повика на промени во ВМРО-ДПМНЕ.
Прв реагираше портпаролот на опозицијата, Арсовски, кој му порача дека „печалбарите“ како него се залагале само да го преземат раководството на партијата и дека веќе си поделиле функции.
Коневски на тоа му возврати: „Што побрзо одите ти и таа багра од партијата, толку побрзо ВМРО-ДПМНЕ ќе застане на чело на државата.“