Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, рече дека апелираат од Владата на денешната седница точка на дневен ред да биде и изнаоѓањето начин за обезбедување средства од буџетот на државата за решавање на овој, како што кажа, долгогодишен проблем
Како што беше најавено, денеска во 11 часот почна протестот на вработените во шест министерства и две институции. Нивното барање е едно – потпишување колективни договори со што ќе добијат додаток на нивните плати од 30 проценти.

Протестираат вработените во Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, потоа нивните колеги од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за правда, Министерство за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерство за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив.
Со истото барање, од минатата недела штрајкуваат вработените во Државното правобранителство.
Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, изјави дека со протестите почнуваат од денеска, вторник бидејќи се совпаѓа со денот кога Владата ги одржува своите седници.
Па во тој контекст, Деаноски во име на вработените кои протестираат рече дека нивниот апел до Владата е точка на дневен ред на денешната седница да биде и изнаоѓањето начин за обезбедување средства од буџетот на државата за решавање на овој, како што кажа, долгогодишен проблем на вработените во овие министерства и институции.
Во врска со проблемот, Деаноски рече дека во изминатиот период имале средби со речиси сите ресорни министри и по пат на преговори и социјален дијалог подготвиле предлог-колективни договори кои со поддршка на министрите биле доставени до Министерството за финансии.
Тука, како што кажа првиот човек на УПОЗ, од неразбирливи причини настанал и проблемот.
„Иако овие предлог-колективни договори беа доставени до Министерството за финансии пред носење на државниот буџет за 2025 година, од за нас неразбирливи причини Министерството за финансии не одобри средства за потпишување на колективни договори“,
рече Деаноски во изјава за новинарите.
Во однос на платите, тој посочи дека нивната висина за вработените во институциите кои од денеска протестираат почнува од 25 010 денари. Просечната плата во овие институции, според Деаноски, е околу 29 000, а просечната плата во државата е 42 124 денари.
Додатокот од 30 проценти што го бараат, рече лидерот на УПОЗ, значи дека вработените во овие институции и со добиените 6 000 денари, колку што изнесува додатокот, повторно ќе бидат под просечната плата во државата.
„Ова наше барање е старо повеќе од четири години. За овој додаток на плата сме протестирале и сме штрајкувале години наназад, но за жал ниту една влада досега не го слушнала нашиот глас. Иако не постои ниту уставна, ниту законска пречка да се потпише било кој колективен договор во било која институција, нашата намера не е да го оштетиме државниот буџет, туку заедно преку дијалог со Владата да најдеме средства за потпишување во рамки на државниот буџет“,
рече Деаноски.
Протестите, како што додаде тој, ќе продолжат секој ден во текот на оваа недела. Ќе се одржуваат од 11 до 11:30 часот, а в петок вработените во шесте министерства и двете институции ќе излезат на протест пред Министерството за правда.
„Се надеваме дека овие протести нема да бидат залудни и дека оваа Влада ќе го слушне гласот на вработените“,
рече Деаноски.
Прашан за штрајкот на Државниот правобранител, кој почна минатата недела и дали има некаков исход, претседателот на Синдикатот на УПОЗ рече дека единственото нешто таму е што вработените во институција почнале да добиваат решенија за намалување на платите од 40 проценти за време на штрајк.
„Моментално добија само колегите од Тетово бидејќи кај нив штрајкот започна порано, а сега се подготвуваат исти решенија за сите вработени кои се во штрајк“,
рече Деаноски.