Според него, нема правна пречка за потпишува на колективни договори со кои би се зголемила платата, без разлика за кој дел од јавниот сектор се работи, но дека буџетските корисници треба прво да добијат дозвола од Министерството за финасии да го направат тоа
Ќе има огромен егзодус на вработени во државните и јавните институции ако во најбрз можен рок не се покачат платите за 30 отсто, рече денеска во емисијата „Топ тема“ на Тв Телма претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, посочувајќи дека тоа особено се однесува на стручните и обучените кадри што ги водат институциите.
„Не можеме да привлечеме нови вработувања во државната управа, правосудството, агенциите и фондовите доколку не се покачат платите. На огласите што ги објавува Агенцијата за администрација, или, пак, министерствата никој не се јавува и младите не се заинтересирани да работат во јавната администрација“,
рече тој.

Посочи дека почетна плата на лице со високо образование во јавниот сектор во моментов е околу 26 илјади денари, како и дека веќе никој, ниту од партиските штабови не би прифатил да работи за таа сума на плата.
Според него, нема правна пречка за потпишува на колективни договори со кои би се зголемила платата, без разлика за кој дел од јавниот сектор се работи, но дека буџетските корисници треба прво да добијат дозвола од Министерството за финасии да го направат тоа.
„Дури и оние државни институции што имаат сопствени приходи од наплаќање услуги не можат да ги користат за зголемување на платите и потпишување на колективни договори без да добијат согласнот и мислење од Министерството за финасии“,
вели Деаноски.
Смета дека кога се именуваат директори и раководители на јавни институции и од нив се бараат изјави под кривична одговорност дека разумно ќе располагаат со буџетите, тогаш треба да им се дозволи да располагаат со нив, во делот на зголемување на платите на вработените.
Вработените во Државното правобранителство од денеска стапија во штрајк. Бараат да биде потпишан колективен договор во кој ќе бидат предвидени додатоци на плата во висина од 30 проценти.