Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, по шест дена самоизолација, повторно се јави со обвинувања кон Владата, апелирајќи кумановци да не бидат „заложници на внатрепартиските битки и на суетата на Спасовски“
Премиерот изјави од Куманово дека евентуалната одлука за повеќедневен карантин би се донела врз основа на препораки на здравствените експерти
Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски денеска настапи со обвинувања кон премиерот Оливер Спасовски, кој, според него, со инает и суета влијаел на своевиден начин за ширење на коронавирусот во родното Куманово.
„Во текот на вчерашниот ден имавме голем број апели на кумановци, па дури и на градоначалникот на Куманово до Владата за прогласување кризна состојба и поуспешно справување со ковид-19 вирусот и со оваа пандемијата што ни се случи. Но, од друга страна, видовме еден примитивен инает, надменост, би рекол лична фрустрација и суета од страна на Владата и техничкиот премиер Оливер Спасовски, кој никако позитивно да одговори на барањето на кумановци и на градоначалникот на Куманово. Иако и кумановци и сите ние сме свесни дека, пред некоја недела, токму тој лично, под превезот на хуманитарна помош за ранливите социјални категории, се обидуваше да спечали некои политички поени. На тој начин некако го рашири ковид-19 вирусот и пандемијата во Куманово“,
обвини Мицкоски, претходно објаснувајќи дека е шести ден во самоизолација и дека се чувствува одлично.
Алудирајќи на внатрешни несогласувања во СДСМ, Мицкоски апелира до Спасовски да излезе во пресрет на барањата на кумановци и на тамошниот градоначалник Максим Димитриевски, инаку сограѓанин и сопартиец на техничкиот премиер.
„Ја користам оваа можност да апелирам до него да ја надмине личната фрустрација и суета и да излезе позитивно во пресрет на барањата на кумановци и на градоначалникот на Куманово бидејќи има време и за внатрепартиски пресметки има време и за политичка битка, сега е најважно здравјето на граѓаните и да го поразиме овој вирус кој за жал е наше денешно секојдневие“,
рече Мицкоски во видеообраќање.
Кризниот штаб на Куманово вчера ѝ предложи на Владата да го стави градот во 14-дневен контролиран карантин и да се воведе кризна состојба.
И во последната статистика за состојбата со коронавирусот во земјава, Куманово учествува со речиси половина од новите случаи на заразени во последното деноноќие. Денеска во посета на најголемата општина во земјава се премиерот Спасовски и вицепремиерот Бујар Османи, како координатор на кризните штабови во земјава.
Во однос на инсистирањата на општинските власти за прогласување кризна состојба, Спасовски изјави дека има повеќе барања за прогласување карантин, не само од Куманово, туку и од други градови од државата, но одлуките се носат врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести и епидемиолозите.
„Сите мерки што беа донесени се врз основа на тие препораки, затоа што сметаме дека како Влада мораме пред се да ја слушнеме струката, тоа што го кажуваат лекарите, тоа што е најефикасно и во кој момент тоа треба да го правиме и да го направиме заеднички“,
изјави Спасовски.

Вицепремиерот Османи рече дека директно ги слушнал ставовите на локалните власти за справување со оваа состојба со пандемијата во Куманово и дека ги пренел ставовите на Владата и како да се координираат во иднина.
„Донесовме и одлука на штабот за поинтензивно тестирање на здравствените работници и воопшто за проширување на обемот на тестирањата. Тука сме, заедно со премиерот, да ги разгледаме новите барања на општините и заеднички да ги усогласиме ставовите за тоа како да ставиме стоп на патот на ширењето на болеста во Куманово, кое во моментов, според број на жители, има најголем број на заразени“,
рече Османи.