Коментирајќи ги информациите дека за велигденските празници ќе има посебни термини за причест во црквите, техничкиот премиер Оливер Спасовски вели дека апелот останува сите граѓаните да ги почитуваат мерките и да останат дома.
Законска основа за затворање на верските објекти вели не постои и останува на одговорноста на самите граѓани да ги почитуваат владините мерки и забрани.
„Да се почитува мерката да нема групирања и да останеме на социјална дистанца за велигденските празници. Сега е моментот кога велигденските празници сите заедно треба да ги прославиме дома во кругот на семејствата. Ние немаме одлука за затворање на верски објекти, ниту за непрактивување на верата затоа што тоа не може да се донесе, дури во ниту една состојба да се наоѓа државата тоа е право кое е неприкосновено. Но, знаете, имаме одлуки и ставови и на МПЦ и на ИВЗ, што се однесува до почитувањето на мерките на Владата за одржување социјална дистанца. Апелирам за велигденските празници да се остане дома. Така најмногу ќе придонесеме за спречување на вирусот“,
порача Спасовски при посетата на Куманово.
Инаку, велигденскиот полициски час почнува од петок во 16 часот, а ќе трае до вторник до 5 часот.