Денеска имало пријави за вкупно девет училишта во Скопје. Децата беа евакуирани, а проверките беа направени од антитерористичките тимови во МВР
Дојавите за поставени бомби во училишта на територијата на Скопје се лажни, соопшти МВР.
Иако првично информации имаше само за дојави во две, па во четири школи, денеска пријави стигнале за девет училишта. Учениците беа евакуирани, а проверките ги направија антитерористичките тимови од МВР.
„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави дека девет училишта на територија на Скопје добиле порака на електронската адреса со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“,
соопштија од МВР.
Денешните дојави беа шести по ред во изминатите две недели и сите досега се покажаа како лажни.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека станува збор за хибридни напади на кои се изложени и земјите од регионот и пошироко. Според него, намерно се таргетираат школи бидејќи граѓаните се најчувствителни на тоа со оглед дека се во прашање објекти каде учат децата.
„Ова што се случува е исто така дел од една таа стратегија за такви хибридни напади. Мора да бидете свесни дека МВР при такви дојави мора да интервенира бидејќи се работи за школи и не случајно тие таргетираат школи бидејќи најчувствителни се луѓето кога се работи за школи бидејќи нашите деца учат во тие школи. МВР нормално дека интервенира, секторот за електронски криминал нормално дека согласно своите надлежности ги испитува сите можни податоци за да се дознае од каде доаѓаат тие лажни дојави. Јас се надевам дека тие што тоа го прават ќе сфатат дека Европа треба да живее во мир а не во страв и неизвесност“,
изјави денеска премиерот.