Изјавата на американската амбасадорка е принципиелна. Борбата против криминалот и корупцијата мора да биде бескомпромисна. Изборот на законодавните тела треба да бидат независни органи и сето ова време промовиравме дека извршната власт треба да биде независна и ние веќе неколку години инсистираме да се направи ветинг, во сите државни институции, вели лидерот на ДУИ

Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети смета дека реакцијата на американската амбасадорка Анџела Агелер околу изборот на шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази е принципиелна и дека за ова прашање ДУИ веќе со години бара сеопфатен ветинг, почнувајќи од локалната до централната власт.
„Изјавата на американската амбасадорка е принципиелна. Борбата против криминалот и корупцијата мора да биде бескомпромисна. Изборот на законодавните тела треба да бидат независни органи и сето ова време промовиравме дека извршната власт треба да биде независна и ние веќе неколку години инсистираме да се направи ветинг, во сите државни институции“,
рече лидерот на ДУИ Али Ахмети по вчерашната 11-часовна средба во партиското седиште во Мала Речица.
Според Ахмети без соодветен ветинг не можеме да бидеме успешни во борбата против криминалот и корупцијата и владеењето на правото.
„Ние сме за владеење на правото, ние сме за ветинг. Партнерство со нас ќе има секој кој е посветен, одлучен за вистински ветинг и за функционирање и владеење на правото. Тоа значи дека ги забрзуваме чекорите кон членство во Европската Унија, со тоа што ќе бидеме успешни во борбата против криминалот и корупцијата, но овој успех доаѓа и од вистинска проверка на сите политички и законодавни фигури, од локалната до централната власт“,
изјави Ахмети.
Вчера и првиот вицепремиер Артан Груби рече дека е неопходно да се спроведе ветинг во обвинителството, судството и политиката, откако американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер рече дека САД се збунети од изборот на Ислам Абази за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
„Внимателно ја слушав изјавата и мојот коментар е дека треба да има ветинг на сите нивоа на обвинителството, судството и политиката. Немам што да се согласувам или да не се согласувам со изјавите, но ви велам дека политиката на ДУИ беше, односно е да има ветинг на сите нивоа, почнувајќи од политичарите, па потоа продолжувајќи со судиите и обвинителите“,
рече Груби.
Шефот на дипломатијата и портпарол на ДУИ, пак, Бујар Османи, рече дека не може да ја коментира изјавата на амбасадорката Агелер затоа што обвинителството и Владата се посебни власти.
„Не можам да навлегувам во прашања на обвинителството, тоа се две посебни власти. Имаше изборен процес. Како член на Влада не можам да коментирам прашања кои се однесуваат на обвинителството. Важно е да се види дали е запазен законот кој е усвоен заедно со ЕУ“,
додаде Османи.
Изјавата на Агелер доаѓа откако во јавноста се појавија серија фотографии на Абази со првенци на ДУИ и други информации за негови врски со партијата на власт. Абази беше единствен меѓу четворицата претенденти за шеф на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција што во трката влезе без да понуди програма и без да даде изјава за медиумите.
Пораката од амбасадорката на САД предизвика „потрес“ во општата јавност и во правосудните кругови, но засегнатиот Ислам Абази не сака да го коментира ставот на амбасадорката на САД.
Абази во телефонски разговор за Канал 5, како што пренесува телевизијата, рекол дека не сака да навлегува во такви коментари.
Американската амбасадорка Агелер вчера, во одговор на прашање на „360 степени“, изрази отворено незадоволство од исходот на неодамнешните избори за нов шеф на ОЈО ГОКК.
Реакциите од меѓународната заедница за изборот на Абази беа една од темите и во петочното издание на емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.