Според статистиката на Хелсиншкиот комитет, во март се регистрирани 110 случаи на говор на омраза или за 100 отсто повеќе од лани во истиот период
Хелсиншкиот комитет информира дека во текот на март оваа година регистрирани се 110 случаи на говор на омраза, што е за 100 отсто повеќе за истиот временски период лани. Најголем број од случаите регистрирани во март се однесуваа на ситуацијата со пандемијата со коронавирусот и тоа доминираат пријавите по основа на етничка и политичка припадност, велат од Хелсиншкиот комитет.
Најголем број од случаите се однесуваат на воведувањето вонредна состојба и за полицискиот час, како и реакцијата на јавноста поврзана со мерките на Владата.
Од Хелсиншкиот комитет констатирале најмногу реакции на социјалните медиуми по завршувањето на официјалните прес-конференции на министерот за здравство во име на Кризниот штаб.
Најголем број од пријавите (или 72 проценти) се однесуваат на две категории, и тоа етничка и политичка припадност. Осумнаесет отсто или 21 пријава се однесуваат на говор на омраза поради сексуална ориентација и родов идентитет.
„Високиот број некарактеристични пријави се должи на прогласувањето вонредна состојба во државата за спречување на ширењето на ковид-19. Исто така, беше забележана активна негативна дискусија и разменување на негативен тон помеѓу поддржувачи на партиите на власт и опозицијата, особено за начинот како државата се справува со кризата (и од здравствен и од економски агол)“,
велат од Хелсиншкиот комитет.
За да може ефикасно да се следи говорот на омраза поврзан со јавното здравство, од овој месец Хелсиншкиот комитет ќе воведе категорија за говор на омраза врз основа на здравствената состојба за да се подобри информирањето во овој дел.
Хелсиншкиот комитет укажува дека врз основа на својата анализа, уште во февруари предупреди и продолжува да предупредува за драстичното зголемување на говорот на омраза, особено во контекст со прогласувањето пандемија и воведувањето вонредна ситуација во државата. Организацијата исто така предупредува да не се злоупотребуваат механизмите кои ѝ стојат на располагање на извршната власт и редовно да ги известуваат претседателот на државата, медиумите и граѓанските организации за преземените мерки и нивниот ефект.
Хелсиншкиот комитет ги повикува граѓаните да пријавуваат говор на омраза на социјалните медиуми на платформата www.govornaomraza.mk или директно во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи.