Ова не е правда – за правда треба докази, а не изнудени лажни изјави, пишува поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, по денешното рочиште за случајот „Плацови на Водно“, во кој е првообвинет
Правосудниот систем во Македонија го достигнува највисокиот степен на брутален и невиден политички прогон. Со пресудите и со обвинетите се тргува како на пазар. Или подобра метафора е дека сведоците и обвинетите се принудуваат со пиштол на чело да потпишат или дадат изјава која им е потребна на власта и на обвинителството за да ги остварат своите валкани и подмолни зацртани цели. По денешното судско рочиште за случајот „Плацови на Водно“ се јави експремиерот Никола Груевски од Будимпешта, каде што е бегалец од правдата во земјава.
„Ова не е правда. За правда треба докази, а не изнудени лажни изјави“,
напиша Груевски на Фејсбук, по денешното рочиште за случајот во кој тој е првообвинет.
Според Груевски, обвинителката Лиле Стефанова, која, како што вели, во последните седум – осум години се занимава речиси без исклучок со конструирани случаи против лица од ВМРО-ДПМНЕ, по истата методологија како во „Титаник“, во последните денови, „нудејќи милост на други обвинети со пресуди кои нема да ги однесат во затвор“ направила нечесна спогодба, како на пазар со повеќето обвинети, со која доколку ги сменат досегашните изјави и целата вина ја префрлат на мене, ќе им даде ослободителна пресуда или блага казна со која не би оделе во незаслужен затвор“.
Тој коментира и за сведочењето на неговиот кум Ристо Новачевски, за кого вели дека лаже и дека е уценуван.
„Шпекулациите на медиумите уште кога Ристо Новачевски излезе од притвор без посебни мерки, беа дека е уценет и договорен да служи како инструмент на обвинителството со цел да се спаси со ослободителна, условна или некоја друга ниска или симболична казна, независно дали тоа ќе се случи на првостепениот суд или на повисоките судови се покажаа точни, освен во делот дека тој ќе биде сведок како што очекуваа. Но обвинителството за да го држи под цврста контрола до последен момент, наместо сведок го направи обвинет и буквално му диктира што да каже во денешната изјава“,
пишува Груевски.
За сведочењето на Орце Камчев дека за Груевски се чуваат три ексклузивни стана од 750 квадрати во замена за плацовите на Водно, експремиерот вели дека и бизнисменот се испазарил и преку ноќ ја сменил изјавата.
„ Уште и додал дека земјиштето го платил или трампал со некакви три апартмани во некоја зграда со име ‘Панорама’ или слично на тоа, нешто што никогаш не се случило, ниту пак имам или некогаш сум имал такви апартмани во вкупна големина од 750 квадратни метри кои чекале за примопредавање, со што сам се негира дека ми дал некаква компензација. На прашање дали сум ги превзел тие станови, кажал дека не сум ги превзел и дека ми ги чувал Мето Стојчевски, кој е зет од сестра на Орце Камчев. Какви лаги!!! Неверојатно!!! Не можам да поверувам!!! Ниту поседувам такви станови, ниту сум ги договорил со некој, ниту некој ми ветил или ми чува станови некаде“,
пишува Груевски.