И молк за Заев. За нивната тајна соработка и заеднички планови. Кои се темелите, целите, моралната димензија, националните позиции и идеологијата на новото сојузништво со З.Заев. Јас кога заминав тој беше наш политички заеднички противник, беше главниот „џелат“ на сите политички прогонети од ВМРО-ДПМНЕ, пишува Груевски
Наместо докази – прераскажување филмови. Сега излезе дека тајните средби биле во 2015 година, пред 8 години, а интервјуто на Ахмети кое подоцна сите го демантираа, е дадено една недела откако Мицкоски на 5 септември дал интервју за ФАЦ. Некакви УСБ-а и пликоа пред две години, како делови од трилер во детски маалски летни вечерни разговори пред зграда на клупа. Практично, се што збореше 3-4 дена за тајни средби во Будимпешта, си го негира на интервјуто на Алсат М – пишува во објавата на експремиерот на Фејсбук

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, а сега бегалец во Унгарија, Никола Груевски, вечерва преку објава на својот фејсбук-профил го обвини актуелниот претседател на неговата партија, Христијан Мицкоски, дека имал тајна соработка и заеднички планови со претходниот лидер на СДСМ, Зоран Заев.
„И молк за Заев. За нивната тајна соработка и заеднички планови. Кои се темелите, целите, моралната димензија, националните позиции и идеологијата на новото сојузништво со З.Заев. Јас кога заминав тој беше наш политички заеднички противник, беше главниот ‘џелат’ на сите политички прогонети од ВМРО-ДПМНЕ, тоа беше влада која направи промена на името, уставот, националноста, идентитетот, историјата…со договорот со Грција, ги апсеа нашите пратеници за да ги уценат за гласање, Заев на телевизија тврдеше дека ‘Сичките сме сшти’, ‘един народ сме’ итн. До пред година-две ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека Заев е најкорумпираниот политичар, предавник“,
пишува Груевски.
Груевски на оваа тема во објавата упатува и прашања: Со тој ли сега политички сојузници треба да бидеме? Што се случи? И додава: „Сега гледам дека се плашат името да му го спомнат“.
Објавувајќи го дел од петочното гостување на Мицкоски во ТВ Алсат, Груевски вели дека се што зборувал 3-4 дена за тајни средби во Будимпешата си го негирал на ова интервју.
„Да заклучам…Три дена молчев на нападите од Мицковски за да оставам простор да се види и да стане јасно кој сака меѓусебни расправии и раскол, кој напаѓа, кој ги дели луѓето во партијата принудувајќи ги на бесмислени подршки, и најмногу од се да ги видиме доказите за наводните тајни средби, документите, фотографиите итн. Ништо од тоа! Наместо докази – прераскажување филмови. Сега излезе дека тајните средби биле во 2015 година, пред 8 години, а интервјуто на Ахмети кое подоцна сите го демантираа, е дадено една недела откако Мицкоски на 5 септември дал интервју за ФАЦ. Некакви УСБ-а и пликоа пред две години, како делови од трилер во детски маалски летни вечерни разговори пред зграда на клупа. Практично се што збореше 3-4 дена за тајни средби во Будимпешата си го негира на интервјуто на Алсат М“,
пишува Груевски.
Груевски вели дека против него подготвиле цела кампања и дека наместо со СДС, се бават со него.
„Добил задача да се раскара со мене и се пресметал дека токму сега тоа му е исплатливо и му треба. Членството нека си процени дали тоа му паметно, морално и рационално“,
додава Груевски.
Актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во денешното обраќање на годишна конференција на Унијата на млади сили на партијата која се одржа во Велес продолжи со критиките кон Груевски. Мицкоски, говорејќи за битката на ВМРО-ДПМНЕ против оваа власт, рече дека е разочаран од однесувањето на оние со кои мислел дека делат иста кауза. Мицкоски рече „чудно е тоа проклетство на историјата, човекот кој збореше за нож во грб, и разни ножиња да стане токму тоа за сопствената партија“.
Преписките меѓу Христијан Мицкоски и Никола Груевски траат неколку дена, а почнаа откако Мицкоски во разговор за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ изјави дека неговиот претходник Никола Груевски е во тајна комуникација со Владата, со цел да се подели ВМРО-ДПМНЕ за да се протуркаат уставните измени. По ова секојдневно следуваат обвинувања меѓу двајцата за тоа кој работи за партијата, а кој против неа.