Сепак, институциите треба да се надминат и охрабрат и да истражат, како е возможно во строг центар на главниот град да се купи деловен простор од 127 метри квадратни за само 100 илјади евра. Или за петпати пониска од пазарната цена, велат од опозициската партија
Артан Груби е фатен жив за скандалот со купувањето деловен простор на неговиот брат во центарот на Скопје по багателна цена. Првиот вицепремиер Груби е исплашен и нервозен бидејќи е фатен во чист криминал, па за тоа со сите сили врши притисоци во Јавното обвинителство за да не се отвори предмет за овој случај, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Сепак, институциите треба да се надминат и охрабрат и да истражат, како е возможно во строг центар на главниот град да се купи деловен простор од 127 метри квадратни за само 100 илјади евра. Или за петпати пониска од пазарната цена. Дали Груби добил повластена цена и која е причината за оваа повластица за првиот вицепремиер за деловниот простор кој го купил неговиот брат. Исто така, остана нејасно, а институциите мора да дадат одговор, дали плаќањето било во кеш за да се избегне потеклото на пари или, пак, за некое друго ветување за стекнување на друга корист“,
соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Очајничките обиди на Артан Груби за дефокус кои преку неговите интернет-портали ги користи не поминуваат, додаваат од најголемата опозициска партија.
„Јавна тајна е дека Груби има свои портали, кои претходно биле на негово име, за пресметка со неговите неистомисленици и политички противници. Седиштето и центарот за координација на овие Артанови портали е токму во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. Иако институциите со денови молчат за овој скандал, ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи во објавувањето на докази за енормното богатење на фамилијата на првиот вицепремиер Артан Груби. Во текот на денешниот ден ќе објавиме нови сомнeжи, но и докази за тоа како преведувачот од амбасада и неговото семејство станаа една од најбогатите фамилии во државата“,
се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Антикорупциската комисија пред десетина дена отворила предмет за првиот вицепремиер во Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.
Ваквиот потег на ДКСК следува откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати во јавноста излезе со низа обвинувања оти Груби и членови на неговото семејство се богателе на грбот на државата.
„Имаме отворен предмет по пријава, се постапува по предметот. Кога ќе имаме конкретни информации, ќе излеземе во јавноста“,
посочија од ДКСК на вчерашната редовна седница.
Пред околу десетина дена опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека семејството на Артан Груби трупа милионски бизниси и имот преку неговиот брат, кој директно или индиректно е поврзан со повеќе бизниси, како што е и тој за баждарење инструменти за точење нафтени деривати и гас.
За братот на првиот вицепремиер, Ветон Груби, ВМРО-ДПМНЕ обвини оти поседува голем деловен простор на улица „Македонија“ во вредност од половина милион евра. Објектот со површина од 127 квадратни метри, според опозициската партија, е купен во време кога Груби е вицепремиер во Владата.
Откако опозициската партија ги обвини првиот вицепремиер и неговото семејство за низа злоупотреби, матичната партија на Груби ја обвини ВМРО-ДПМНЕ оти е антиалбанска партија.