Погледнете го новото издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 22 јуни 2026 г. на МРТ 1, во кое гостува првиот вицепремиер, министер за европски прашања и генерален секретар на Влен, Беким Сали
„За повеќе ресори се зборува дека може да има промени, вклучувајќи ги здравство и европски прашања и останатите министерства што моментално ги управуваме ние како Влен“, вели првиот вицепремиер, министер за европски прашања и генерален секретар на Влен, Беким Сали, кој гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Сали беше прашан дали лично би се нафатил повторно да биде министер за здравство, на што одговори: „Значи, сè е отворено, не можам ни да негирам, ниту, пак, да потврдам дека е така, дали ќе биде во иднина, затоа што тоа е сè дел на преговори“. Дали може да се очекува нов кадар во ресорот Правда, со кој сега раководи Игор Филков од ЗНАМ, беше една од следните теми во разговорот. Сали рече дека е очекувано таму да има промена. На тема избори, вицепремиерот рече дека во Влен се подготвени во секој момент, особено по добриот резултат на локалните, но сметаат дека треба да им се даде предност на интересите на граѓаните, кои очекуваат исполнување на ветеното. Со Сали разговараме и за неколку прашања од сферата на меѓуетничките односи, за стагнацијата во пристапните преговори со Европската Унија, како и за обврските од Реформската агенда.
