По разговорите во Швајцарија, американскиот потпретседател рече дека разговорите со Меѓународната агенција за атомска енергија би можеле наскоро да започнат
Сепак, како што пренесе Би-би-си, Министерството за надворешни работи на Иран за тамошните државни медиуми соопштило дека Техеран не презел никакви обврски во врска со меѓународните инспектори за нуклеарна енергија
Иран ги негира тврдењата на потпретседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џеј-Ди Венс, дека на инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) ќе им се дозволи да се вратат во земјата, по првата рунда разговори во Швајцарија меѓу Вашинготн и Техеран за постигнување конечен договор за прекин на војната, пренесуваат светските медиуми.

Имено, по разговорите во Швајцарија, американскиот потпретседател рече дека разговорите со Меѓународната агенција за атомска енергија би можеле наскоро да започнат.
„Иранците се согласија повторно да ги поканат инспекторите на МААЕ. Ова е голем чекор за американскиот народ и прв чекор кон целосна денуклеарзиација, или конечно завршување на програмата за нуклеарно оружје на Иран“,
изјави Венс за новинарите, додавајќи дека очекува тоа да се случи уште оваа недела.
Сепак, како што пренесе Би-би-си, Министерството за надворешни работи на Иран за тамошните државни медиуми соопштило дека Техеран не презел никакви обврски во врска со меѓународните инспектори за нуклеарна енергија.
Ова доаѓа откако САД привремено ги укинаа санкциите на Техеран, дозволувајќи му на Иран да продава нафта во американски долари, што е по првпат по неколку децении.
Инаку, со 60-дневното привремено укинување на санкциите издадено од Секретаријатот за финансии на САД вчера, засега се отстрануваат централните столбови на долгогодишното ембарго на САД кое ја задушуваше економијата на Иран.
Во заедничка изјава објавена вчера, посредниците во преговорите Катар и Пакистан изјавија дека по првата рунда разговори во швајцарското одморалиште Бургеншток, САД и Иран се согласиле на патоказ за постигнување конечен договор во рок од 60 дена.
Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, кој го предводеше преговарачкиот тим на САД, ги опиша разговорите како поставување многу добра основа за договор. Потпретседателот на САД рече дека тимовите разговарале за повторно отворање на Ормускиот Теснец и „избегнување конфликт заради регионален прекин на огнот“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, на својата платформа Трут соушл (Truth Social) од Вашингтон повтори дека Иран треба да ѝ дозволи на МААЕ да се врати во земјата.
„Секој е целосно свесен дека Иран ќе се согласи на инспекции на своето главно оружје за да обезбеди нуклеарна чесност во иднина“,
напиша Трамп, според новинската агенција ДПА.

Минатата есен, МААЕ посети некои локации од нуклеарната програма на Иран кои не беа оштетени од израелските и американските напади во јуни 2025 година. Од тие први напади, агенцијата немаше пристап до капацитетите за збогатување ураниум на Иран.
Иранската делегација не му дозволи на генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, директно да учествува во разговорите со САД во неделата. Според медиумските извештаи, Гроси бил присутен во Бургеншток, но иранскиот тим не покажал интерес да се состане со шефот на надзорното тело за атомска енергија на Обединетите нации (ОН).
