На снимките од јапонските телевизии се гледаат искршени излози и парчиња стакло расфрлани по улиците. Во една книжарница, книгите паднале од полиците и се натрупале на подот

Силен земјотрес ја потресе Централна Јапонија, при што најмалку 22 лица се здобија со повреди, јавуваат локалните медиуми, пренесе АП.
Јапонската метеоролошка агенција ја процени магнитудата на земјотресот на 5,7, додека Американскиот геолошки институт извести за магнитуда од 5,5 степени. Регистрирани се и послаби последователни потреси.
На снимките од јапонските телевизии се гледаат искршени излози и парчиња стакло расфрлани по улиците. Во една книжарница, книгите паднале од полиците и се натрупале на подот. Меѓу повредените има и луѓе што паднале по скали додека се обидувале да побегнат.
Земјотресот, кој се случи во 01:04 часот по полноќ, е со епицентар на длабочина од околу 40 километри во префектурата Шизуока. Според официјалните сеизмички проценки, најсилното тресење било почувствувано во Аичи. Аичи и Шизуока се соседни региони. Тие се доволно оддалечени од Токио, така што земјотресот таму не се почувствувал.
Метеоролошката агенција ги предупреди граѓаните да бидат подготвени за можни силни потреси во текот на следната недела, а особено во следните два до три дена.
Јапонија се наоѓа во подрачје подложно на земјотреси. Властите често ги советуваат граѓаните да обезбедат залихи од флаширана вода, храна и батерии, да имаат подготвен план за засолнување под маси, како и при рака да чуваат удобни обувки за пешачење.
