Премиерот Мицотакис свика вонреден состанок за да се оцени епидемиолошката ситуација во земјата
Мојата препорака до комисијата ќе биде една куса, строга хоризонтална мерка, односно „заклучување“, веројатно како минатиот март, рече министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас, говорејќи утрово за телевизијата Опен, задржувајќи се посебно на областа Атика. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, пак, свика вонреден состанок за да се оцени епидемиолошката ситуација во земјата, јави МИА од Атина.
Кикиљас рече дека загрижуваат анализите што ги добива од надлежната комисија и од епидемиолозите и покажуваат дека и во Грција доаѓа третиот бран.
Паралелно, презентираше податоци за областа Атика, поширокиот регион на Атина кој има околу четири милиони жители, објаснувајќи дека се исполнети 71 отсто од капацитетите на одделите за интензивна нега, наспроти 62 проценти мината седмица.
Рече дека во саботата 231 лице биле приклучени на апарати, ден подоцна 245, а вчера 260, односно 15 лица повеќе секој следен ден, од кои десет се токму во Атика, „што значи дека дневно се исполнува една оддел на интензивна нега“.
Друг податок што го коментираше грчкиот министер за здравство е зголемувањето за 11 отсто на позитивните случаи кај децата до девет години.
Во периодот од 24 до 30 јануари од 6 676 потврдени случаи, 435 биле на возраст од нула до девет години.
„Сликата што ја имаат епидемиолозите, врз основа на овие податоци, води до тоа дека, ако и денеска податоците од Националната организација за јавно здравје се вакви, мојата препорака до Комисијата ќе биде куса – построга, хоризонтална мерка. Односно ‘заклучување’, веројатно како што беше минатиот март, што ќе може да донесе брзи резултати и брзо да смири ситуацијата“,
рече Кикиљас објаснувајќи дека сепак Комисијата на епидемиолози е таа која дава препораки до Владата.
Грчкиот Мицотакис за 13:30 часот по локално време закажа состанок со министерот за здравство, заменик-министерот за цивилна заштита, професорот епидемиолог кој е шеф на надлежната комисија и претседателот на Националната организација за јавно здравје.
Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин, шест дена подоцна беше воведен полициски час, а на средината на јануари почна постепено олабавување на мерките. Но дваесетина дена подоцна одново се воведоа рестрикции во црвените зони, во кои се и Атина и Солун, каде што за време на викендите полицискиот час наместо од 21 е од 18 часот.