Вељко Беливук и неговата десна рака, како и 20 нивни соработници се во притвор, но властите ја бараат нивната врска во највисоките државни органи
Членовите на кланот Беливук ги намамувале жртвите, ги киднапирале и ги носеле во куќа во белградското предградие Ритопек, која ја користеле за убиства. Полицијата таму затекнала добро обезбеден објект, со најсовремен видео надзор и опкружен со висока ограда, пренесува КРИК од истрагата.
Групата на Беливук е осомничена за убиствата на криминалецот Милан Љепоја, навивачите Горан Величковиќ и Здравко Радојевиќ, но и за уште неколку се уште нерасчистени убиства.
Директорот на полицијата Владимир Ребиќ вели – на собирањето материјали и разгледување на настаните работеле неколку месеци.
„Целосно сум сигурен дека Беливук и неговата банда ќе бидат зад решетки и верувам дека тие ќе бидат таму во следните 30-40 години. Но, исто така е важно да се отсечат краците, да се прекине таа криминална организација… да не се дозволи да функционира додека се во затвор, да се прекинат, пред сè, тие финансиски текови, така што на тој начин да се уништи еднаш засекога “,
изјави Ребиќ.
За отстранување на трагите од злосторствата, според КРИК се користеле хемиски агенси. Според директорот на полицијата, оперативните информации за тоа постоеле и порано, но немало докази, и тој се надева дека тие ќе бидат собрани во следниот период.
Она за што јавноста чека докази е поврзаноста на криминалните групи со државниот врв. Припадникот на Жандармеријата Ненад Вучковиќ – Вучко беше споменуван во претходните истраги на КРИК како лице преку кое Беливук контактирал со поранешниот државен секретар во Министерството за внатрешни работи Дијана Хркаловиќ.
Премиерката на Србија Ана Брнабиќ денеска изјави дека фокусот ќе биде на оние кои работеле за државата и ги штителе криминалците.
„Мислам на сите што работеа за државата и штитеа криминалци, никој поединечно. Карактеристика на мафијата е дека тоа е организиран криминал кој има поддршка од некои државни тела. Фокусот е да се види кој им пружал поддршка на криминалците додека примал плата од граѓаните на Република Србија“,
рече Брнабиќ, одговарајќи на новинарско прашање, кој точно го штител Беливук.
Истрагата треба да утврди и за каква цел бил користен снајперот со придушувачот пронајден кај членовите на криминалната група.
Вељко Беливук, Марко Миљковиќ како водачи на кланот, но и други осомничени за киднапирања, убиства, поседување дрога и оружје вчера беа уапсени, а денеска беа сослушани во Специјалното обвинителство за организиран криминал во Белград. На 20 од 22 осомничени им е одреден притвор во траење до 30 дена.