Групата која беше страв и трепет за Белград и пошироката околина имала контакти со најмалку двајца обвинители кои се затекнати при апсењето на еден од членовите, а се истражува дали врската води и до највисоките позиции во полицијата и други институции
Дека се работи за исклучително сурови и озлогласени криминалци говори информацијата која ја објавија српските медиуми дека во домот на „главата“ на октоподот, Беливук е пронајдена човечка коска
Белград и пошироката околина од вчеравечер можат да здивнат. Медиумите како гром од ведро небо ја објавија веста дека се уапсени 20 – тина членови на организираната криминална група предводена од Вељко Беливук, која со години тероризираше граѓани, а се смета дека се одговорни за најмалку осум засега нерасчистени убиства.
Меѓу уапсените е и член на хулиганската група „Принципи“ како и двајца обвинители во чие друштво бил затекнат криминалецот кога го апселе.
Озлогласената банда на Беливук е осомничена за киднапирања, убиства, поседување дрога и оружје. По денешното сослушување во белградскиот суд, на 20 од 22 притворени им е одреден притвор поради опасност од бегство, уништување, криење, менување докази или траги на кривичното дело, поради постоење околности што укажуваат дека тие ќе го повторат делото за краток временски период и затоа што делото за кое се товарат е казниво со затвор над десет години.
Во домот на Беливук пронајдена човечка коска
Со години, името на Вељко Беливук во Србија, но посебно во Белград се споменувало со шепот, а само неколку истражувачки новинари пишуваа за сомневањата дека тој врши злосторства. Сега, кога Веља Невоља, како што уште е познат, неговата десна рака Марко Миљковиќ и уште дваесетина извршители се зад решетки, информациите за нив ги преполнуваат медиумите во Србија.
Нивното апсење вчера беше помпезно со најсилни мерки на безбедност, по што цела ноќ биле сослушувани. Според порталот Нова.рс, двајцата заменици обвинители за организиран криминал кои ги испрашувале, засега не извлекле ништо од нив, бидејќи сите до еден се бранеле со молчење, откако само кратко изјавиле дека не се виновни.
Според извештаите во медиумите, групата на Беливук е одговорна за исчезнувањето и веројатно за убиство на најмалку осум лица.
Дека се работи за криминален октопод покажува и фактот што неговите пипци допираат и до фудбалски клубови и до државни структури.
Снајпер со 30 куршуми, пиштол и дрога се пронајдени во просториите под јужната трибина на стадионот „Партизан“. Сега се проверуваат отворите во таваните и во подовите поради сомневање дека тука се наоѓаат повеќе скривалишта на хулиганската група „Принципи“.
При претресот на стадионот на „Црвена Звезда“, според полицијата, била пронајдена дрога, но допрва ќе се проверува кому му припаѓа. Претрес е направен и во фудбалскиот клуб „Динамо“ во Панчево, чиј сопственик според медиумите, е Веља Невоља. Стотици полицајци и агенти на БИА се вклучени во истрагата, предводена од десетици обвинители.
Она што ја згрози и вознемири јавноста е што при претрес во домот на Беливук е пронајдена човечка коска, за која форензичарите ќе испитуваат кому му припаѓа.
Двајца обвинители со уапсените
„Сите наши капацитети, и човечки и материјални, се насочени само во една насока: гонење на криминалци и нивни групи и осигурување дека тие се осудени според законот. Нашата определба е немилосрдна и јасна “,
изјави републичката обвинителка Загорка Доловац.
Сепак, медиумите во Србија бараат објаснување од обвинителката Доловац како се случило еден од членовите на групата на Беливук, Милош Ѓукановиќ, да се најде во друштво на двајца државни обвинители за време на апсењето во Панчево.
Имено, еден од обвинителите, Томо Зориќ, за медиумите изјавил дека преговарал за изнајмување стан со Ѓукановиќ, па отишол со неговиот колега.
Но, прашањето кое сите медиуми во Србија го поставуваат е: како се случило криминалците да помислат дека можат да бидат посилни од државата? Кој од државните структури ги поддржувал?
„Очигледно, тие сметаа дека се заштитени, дека имаат поддршка од одредени структури и ние им покажуваме дека немаат поддршка, без разлика дали имале или не, не навлегувам во тоа“,
изјави в.д. шефот на Службата за борба против организиран криминал Нинослав Цмолиќ.
„Прашањето за поврзаност со државните структури е најважно, не станува збор дали некој сретнал некого и тоа било во стилот ‘се е во ред – безбедно е’, туку дали учествувале во извршување на кривично дело, тоа е она што властите го бараат во моментот “,
изјави претседателот на Србија Александар Вучиќ.
Полицијата сега е фокусирана на контактите на Беливук и Миљковиќ со државните структури, пред се со врвот во Министерството за внатрешни работи. Сомнежите се дека тие биле во врска со поранешната државна секретарка Дијана Хркаловиќ, но и со поранешниот шеф на Службата за бпрба против организиран криминал, Горан Папиќ.