Прашан на што конкретно се должи оптимизмот дека скопјани ќе имаат парно навреме, владиниот соработник за енергетика Виктор Андонов рече дека тој произлегува од разговорите со Србија за набавка на природен гас, а во замена за електрична енергија што ќе биде произведена од комбинираната електрана ТЕ-ТО со која исто така во моментов Владата води разговори за нејзино ставање во функција за оваа намена
На прес-конференцијата тој додаде дека ги следат и временските прогнози и оти не веруваат дека пред 10-11 октомври би паднале температурите на тоа ниво на кое би требало да работата топлинските системи
На речиси две недели пред почетокот на грејната сезона Владата сè уште ги нема финиширано преговорите со соседна Србија за набавка на природен гас за работа на комбинираната гасна електрана ТЕ-ТО, која е клучна за снабдувањето на скопјани со топлинска енергија, а во тек се и преговорите со домашните фирми со кои се појавија спорови околу прашањето за производство на топлинска енергија.
Но, и покрај тоа, од Владата се оптимисти дека во најскоро време ќе се постигнат договори и дека скопјани на 15 октомври, кога почнува грејната сезона, ќе имаат парно, вели соработникот за енергетика во кабинетот на премиерот, Виктор Андонов, кој присуствуваше на денешната прес-конференција на портпаролите на Владата на која беа презентирани заклучоците од вчерашната владина седница.

Прашан на што конкретно се должи оптимизмот дека скопјани ќе имаат парно навреме, Андонов рече дека тој произлегува од разговорите со Србија за набавка на природен гас, а во замена за електрична енергија што ќе биде произведена од комбинираната електрана ТЕ-ТО со која исто така во моментов се водат разговори за нејзино ставање во функција за оваа намена.
„Се водат разговори со ТЕ-ТО и тоа е единствениот начин граѓаните да имаат топлинска енергија во текот на зимата и јас сум сигурен дека ќе биде обезбедено решение пред започнување на грејната сезона“,
рече Андонов.
Во однос на разговорите со Србија, тој се повика на изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ од пред десетина дена, кој објави дека се разговара за испорака на природен гас во С Македонија во замена за електрична енергија од ТЕ-ТО.
Дел од електричната енергија, како што рече Андонов, ќе биде вратен во Србија, дел ќе биде понуден на стопанството во земјава по поволна цена, а топлинската енергија што ќе ја произведе ТЕ-ТО ќе оди за затоплување на скопјани, исто така по поволна цена.
„Дел од произведената електрична енергија ќе биде вратен назад во Србија. За точните количини и проценти ќе бидете дополнително информирани во моментот кога ќе се постигнат финалните договори. Овде морам да потенцирам дека министерот за економија со тим предводен од него беше и во Турција и таму се разговараше за дополнителни количини на електрична енергија и на природен гас, во Грција се разговараше за континуирано снабдување со лигнит и со мазут, а во Бугарија за поевтина цена, далеку под берзанската на електрична енергија, со цел обезбедување на потребните количини за индустријата. Значи, кога сите овие договори ќе се финализираат, Владата ќе ги презентирани и пред стопанските комори и пред јавноста“,
рече Андонов.
Одговарајќи на новинарско прашање, Андонов рече дека за функционирањето на ТЕ-ТО и на другите топлани во Скопје се потребни вкупно 230 милиони нормални кубни метри природен гас.
Прашан како ќе пристига гасот од Србија во земјава, соработникот за енергетика во Владата вели дека тоа ќе биде преку постојната врска со Бугарија, која е единствената точка на приклучок што во моментов ја има С Македонија.
Доколку пропаднат преговорите со Србија, Андонов рече дека топланите во Скопје имаат можност да работат на мазут и дека тоа е втората варијанта до која, како што додаде, се надева дека нема да дојде.
Андонов рече дека очекува до крајот на неделава да се затвори и прашањето со производството на топлинска енергија откако БЕГ ги врати лиценците.
„Ние сега се наоѓаме во вонредна ситуација, дополнително од податокот дека БЕГ ги врати трите лиценци Владата во изминатиот период спроведе три постапки за избор на вршител на дејностите регулирано производство на топлина, дистрибуција на топлина и снабдување со топлина. Две од тие постапки се завршени, за третата верувам дека до крајот на неделата ќе се презентира и решението за регулираното производство на топлина се со цел да се фати моментот за обезбедување на топлина за граѓаните“,
посочи Андонов.
Тој додаде дека ги следат и временските прогнози и оти не веруваат дека пред 10-11 октомври би паднале температурите на тоа ниво на кое би требало да работата топлинските системи.
Прашан до каде се преговорите со „Адора“, владиниот соработник за енергетика рече дека Владата нема да потклекне под притисоци и уцени за некој да ја искористи ситуацијата во која се наоѓаме и дека во краен случај би се активирале механизмите од Законот за управување со кризи.
„Владата прави се за да се обезбеди топлина за граѓаните на Скопје. Во овој момент владата нема да потклекне под притисоци и уцени за некој да ја искористи ситуацијата во која се наоѓаме. Да се случи продажба треба некаква процедура, таа не може да се направи во пет дена. И досега топланите функционираа под закуп. Интенцијата на Владата е тоа да се заврши до крајот на грејната сезона за ЕСМ да го добие закупот од ‘Адора’ за електраните како што било и досега. Има решенија и ако не се договориме, а тие се во рамките на Законот за управување со кризи согласно кој Владата има право да ги стави на располагање сите ресурси и на јавните претпријатија и на приватните компании“,
истакна Андонов.
„Балкан енерџи груп“ (БЕГ) завчера преку соопштение објави дека нема правна основа да располага со топланите, нема обврска да продолжи со вршење на дејноста во новата грејна сезона ниту, пак, има финансиска можност и кредитна способност за набавка на гориво за производство на топлинска енергија.
Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) им одговорија дека обврската за вршење јавна дејност, регулирано производство на топлинска енергија, престанува со денот на издавање лиценца, во случајов со избор на нов вршител на дејноста.
Откако во јуни годинава Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлуки со кои престанаа да важат одлуките за издавање лиценца за вршење енергетска дејност снабдување, односно дистрибуција на топлинска енергија на компанијата БЕГ, Владата објави јавни повици за избор на вршители за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија
Јавното отворање на понудите на повиците за избор на компанија која ќе произведува, дистрибуира и ќе ги снабдува со топлинска енергија потрошувачите на дел од Градот Скопје се одржа на 13 септември. Беа доставени понуди од ЕСМ производство на топлина ДООЕЛ Скопје, ЕСМ дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје и ЕСМ снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје, трите претпријатија што беа формирани по одземањето на лиценците на БЕГ.
Компанијата „Адора инженеринг“ во септември лани на јавна лицитација за 9,26 милиони евра ги купи топланите „Исток“ и „Запад“, кои претставуваат основни средства за регулираното производство на топлинска енергија во градот Скопје, а кои беа во стечајна постапка.
„Адора инженеринг“ тврди дека со закуп на топланите без јасна интенција за купопродажба компанијата ќе има дополнителни 550 илјади евра загуби на годишно ниво.