Депонијата зафаќа површина од околу 12,5 хектари и таму се одлага отпадот од Куманово, град со над 100 000 жители
Таа треба да стане збирна станица каде што ќе се селектира отпадот и ќе се транспортира до регионалната депонија
Се гасне пожарот што синоќа избувна на депонијата „Краста“ во Куманово, информираат денеска од тамошното Јавно претпријатие „Чистота и зеленило“,

Директорот на претпријатието, Сашо Томиќ, информира дека екипите се на терен и се работи на затрупување со земја на депонијата, со што се очекува да се изгасне чадењето.
Во текот на синоќешното гаснење на пожарот, кумановските пожарникари од 20 до 23 часот интервенирале со едно возило.
Депонијата „Краста“ се наоѓа на регионалниот пат Куманово – Пчиња и е дел од проект за нејзина трансформација во претоварна станица, од каде што отпадот од Куманово ќе се транспортира во Свети Николе.
Проектот е финансиран од Европската Унија и вклучува општини од Североисточниот и Источниот Регион.
Според претпријатието, во претходниот период платформата на депонијата е затрупана со земја и уредена со цел да се намали ширењето на мирис и можноста за потпалување, што претходно предизвикуваше реакции и блокади од жители на селото Пчиња што бараат нејзина дислокација.
Оваа депонија треба да стане збирна станица каде што ќе се селектира отпадот и ќе се транспортира до регионалната депонија.
Инаку, депонијата „Краста“ функционира од 1958 година и зафаќа површина од околу 12,5 хектари. Таму се одлага отпадот од Куманово, град со над 100 000 жители.
