ДУИ ги повика двете најголеми партии од македонскиот политички блок да се оградат од, како што се наведува, архаичните политики и им порача дека нема да се откаже од целта изборот за шеф на државата да се врши во парламентот
Реагирајќи на ставот на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ оти шефот на државата треба да се избира на непосредни избори, а не во Собранието, од Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска нагласија дека нема да се откажат од оваа цел и им порачаа на двете партии дека исто како што се избрал првиот премиер Албанец, така ќе биде избран и првиот Албанец на функцијата претседател на државата.
ДУИ ги повика двете најголеми партии од македонскиот политички блок да се оградат од, како што се наведува, архаичните политики кои чинат десетици милиони евра, многу енергија во општеството, ја блокираат економијата неколку месеци „додека резултатот од тоа е речиси нула“.
„ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ беа и против првиот премиер Албанец, но тоа се случи! Ништо лошо не ѝ се случи на земјата од првиот премиер Албанец, од претседателот Албанец на Собранието, од првиот вицепремиер, од министрите Албанци за надворешни работи, за одбрана или за внатрешни работи, од сите оние Албанци кои досега ја водеа државата. Напротив, направени се големи чекори напред, обезбедена е прозападната ориентација на земјата“,
наведува ДУИ во партиското соопштение.
Претходно и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ реагираа на предизборна заложба на ДУИ функцијата претседател на државата да се избира во парламентот наместо на непосредни избори, оценувајќи дека со тоа би се прекршило врвното демократско право на граѓаните.