Прашан за коментар на одлуката на скопскиот Кривичен суд да не им одреди притвор на четворица од осомничените за упадот во Навигација, евроамбасадорот одговори: „Обично како амбасадор немам обичај да коментирам одлуки на суд, меѓутоа сметам дека јасно кажавме кои се обврските, односно гаранцијата за заштита на овој систем и не само на овој, туку и на сите системи од критичната инфраструктура“
По вчерашното писмено соопштение од Делегацијата на Европската Унија во земјава во врска со случувањата во Македонската навигација (М-НАВ), денеска и нејзиниот шеф, евроамбасадорот Дејвид Гир, пред новинарите го повтори ставот на ЕУ во врска со прашањата што ги наметна минатонеделниот инцидент.

Тој, одговарајќи на новинарски прашања на настан во Министерството за одбрана, рече дека именувањата во јавните институции треба да се прават врз основа на заслуги, а кога станува збор за воздухопловната навигација, постојат обврски што земјава ги има кон Европската Унија.
„Сметам дека бевме навистина јасни, најнапред во поглед на назначувањата во јавните институции. Важно е назначувањата да се прават врз основа на заслуга, тоа значи квалификација, вештини, искуства, неприпадност на партија или некои лични врски. Второ, јасно е дека постојат обврски кога станува збор за воздушната навигација и обврските кон Европската Унија во поглед на имплементирањето на ваквите обврски“,
рече евроамбасадорот Гир.
Тоа, како што наведе, го вклучува гарантирањето на независноста на телото што е одговорно за воздухопловната навигација.
„Второто се однесува во поглед на регрутирањето и ангажирањето, дека се исполнети правните прашања и дека човечките ресурси се користат на начин којшто ќе ја гарантира безбедноста, исплатливоста и ефикасноста на самата служба за воздухопловна навигација“,
рече Гир.
Во врска со различните тврдења за надворешните политички влијанија, тој рече дека ги повикуваат властите да ги истражат ваквите тврдења и да дејствуваат согласно резултатите од тие истраги.
„Кога станува збор за тврдењата за влегувањето во зградата, заканите и насилствата, тоа се прашања коишто треба да бидат истражени и доколку постои загриженост треба да се реагира за тоа“,
порача шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава.

Прашан за коментар на одлуката на скопскиот Кривичен суд да не им одреди притвор на четворица од осомничените за упадот во Навигација, меѓу кои е и Беким Незири, претседател на партискиот огранок на ДУИ во Чаир, ексминистер и вработен во М-НАВ, Гир со одговор:
„Обично како амбасадор немам обичај да коментирам одлуки на суд, меѓутоа сметам дека јасно кажавме кои се обврските, односно гаранцијата за заштита на овој систем и не само на овој систем, туку и на сите системи од критичната инфраструктура“,
Од Делегацијата на Европската Унија во земјава вчера преку писмен соопштение информираа дека со загриженост ги следат случувањата во врска со националниот давател на услуги за воздушна навигација М-НАВ и, меѓу другото рекоа дека очекуваат државните власти брзо да ги истражат наводите за кронизам во вработувања во овие служби.
„Потсетуваме на фактот дека Северна Македонија се обврза да го имплементира законодавството на ЕУ што се однесува на давателите на услуги за воздушна навигација (АНСПС). Ова вклучува одредби со цел за да се обезбеди независност на давателите на услуги за воздушна навигација (АНСПС) од државата, дека персоналот – особено контролорите на летање – ги исполнуваат законските барања за такви работни места и дека обезбедувањето на услугата ги почитува целите во однос на безбедноста, економичноста, капацитетот и животната средина“,
беше наведено во вчерашното соопштение на Делегацијата на ЕУ во земјава.
Претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање, Александар Тасевски, пред неколку дена беше повикан во седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје.
Тој по средбата изјави дека Делегацијата на ЕУ и амбасадите ревносно ги следат сите случувања и дека биле запознати со целата ситуација во македонското воздухопловство.
Тасевски информираше дека за случувањата се известени сите синдикати од Европа со кои соработуваат и дека во знак на поддршка се организира посета на нивни претставници на земјава. Известена е и Светската организација на контролори на летање и меѓународни организации.