Според него, новиот правилник е изработен врз основа на детална анализа која траела година и половина, спроведена од ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ во соработка со општината, како и врз основа на бројни средби со граѓаните
Новите правила, како што вели, ги штитат жителите кои имаат едно возило и реална потреба да паркираат во близина на својот дом. Смета дека секоја промена на почеток предизвикува реакции, но очекува новиот правилник да даде видливи резултати во следните месеци
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, соопшти дека се воведува нов правилник и ценовник на општинското Јавно претпријатие за паркинзи, со што треба да се воспостави поголем ред на условите за паркирање, но и да се обезбеди фер пристап за сите жители.

Во синоќешното гостување на ТВ Сител посочи дека Центар е најфреквентната општина во државава, со голем број возила што секојдневно транзитираат низ нејзината територија, но и со сериозен притисок врз паркинг-просторот од самите жители.
„Недозволиво е во еден стан да има три или четири автомобили и потоа да се чудиме зошто нема место за паркирање пред домот. Првото возило за жителите на Општина Центар останува бесплатно, но второто се наплаќа, а третото возило се смета за луксуз. Нема доволно паркинг-места за три или четири автомобили по стан“,
рече тој.
Според него, новиот правилник е изработен врз основа на детална анализа која траела година и половина, спроведена од ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ во соработка со општината, како и врз основа на бројни средби со граѓаните.
„Имаме речиси 15 800 издадени одобренија, односно налепници, а околу 6 100 паркинг-места. Тоа јасно покажува дека системот мора да се уреди“,
вели Герасимовски.
Новите правила ги штитат жителите кои имаат едно возило и реална потреба да паркираат во близина на својот дом. Смета дека секоја промена на почеток предизвикува реакции, но очекува новиот правилник да даде видливи резултати во следните месеци.
„Целта е да обезбедиме еднакви услови за сите жители. Оној граѓанин што има едно возило треба да може да паркира пред својот дом. Секое наредно возило е дополнителен товар врз системот и нормално е да се наплаќа“,
рече тој.
Се осврна и на одржливоста на системот, посочувајќи дека квалитетната услуга подразбира одржување, обележување, осветлување и контрола на паркинг-просторот.
„Не може за 100 денари годишно да се очекува паркингот да биде обележан, осветлен, одржуван и постојано контролиран“,
кажа градоначалникот.
Според него, дел од градските паркинзи во Капиштец, кај зградата на „Нова Македонија“ и во близина на Цветен пазар, во вечерните часови остануваат полупразни, оти дел од граѓаните не сакаат да користат платени паркинг-места.
Општина Центар, додаде, продолжува со политиките за подобрување на урбаната мобилност, уредување на паркинг-просторот и развој на велосипедската и пешачката инфраструктура, со цел подобри услови за движење на граѓаните.
