Прашан во интервју за емисијата „Трилинг“ дали владејачката гарнитура е подготвена да му подаде рака на Груевски, во контекст на измените на Кривичниот законик и на уставните измени, оценката на поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и експремиер е дека дефинитивно имало некакви пазари меѓу власта и бегалецот во Будимпешта, судејќи по она што го зборуваат од актуелното раководство на партијата и нивниот судир со поранешниот лидер
Членот 353 од Кривичниот законик, како што рече Георгиевски во интервјуто, е член со најголема историја во македонскиот правосуден систем. Вели бил напишан за време на неговата влада, а во времето кога премиер беше Владо Бучковски имало обид за негова промена, но бил „срушен“ од Никола Груевски
Главната причина за кавгата меѓу актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и неговиот претходник Никола Груевски е во личните суети, а не во политичките разлики поврзани со уставните измени, смета првиот лидер на партијата и експремиер Љубчо Георгиевски.

Според Георгиевски, сега лидер на ВМРО-НП, партија која е дел од владејачката коалиција предводена од СДСМ, ваквите конфронтации се вообичаени во политиката, не само домашната, туку и во други земји.
Ваквиот став Георгиевски го изнесе во интервју за емисијата „Трилинг“, оценувајќи дека уставните измени се само повод за продлабочување на конфронтацијата меѓу Мицкоски и Груевски, но, не и причина.
Како илустрација тој направи споредба со судирот што избувна меѓу него и Груевски, откако тој ја напушти лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ.
„Кога ќе се случат вакви потреси, вакви кавги, а имало на македонската политичка сцена доста, обично и луѓето и аналитичарите сакаат да веруваат дека тука има не знам каква политичка разлика, не знам какви политички сценарија, не знам што е договорено за да помине нешто друго, а најмалку анализираат нешто што според мене е највообичаена причина, а тоа се личните суети. Кај мене поводот со Груевски беше тоа што јас тогаш кажав дека ВМРО-ДПМНЕ не треба да биде спаринг партнер за да го изберат Бранко Црвенковски за претседател на Република Македонија. Сега повод се уставните промени. Меѓутоа верувајте дека тоа се само поводи во кои кавгата ескларира. Инаку, главниот момент, се работи за суети, нема големи филозофии, нема големи политички разлики. Политичките разлики се измислуваат според мене за да се продлабочи кавгата“,
вели Георгиевски.

Доколку постои некаква политичи разлика меѓу Мицкоски и Груевски, претходникот и на двајцата ја гледа во тоа што актуелниот лидер малку инсистира на антиквизацијата, која, како што вели била „број еден политика на Груевски“.
„Сега околу уставните промени не сфатив дали има или нема разлики. Но, јас ви велам политичките разлики се минималното нешто, разликите се во суетите. Да се излезе од сенката на претходникот“,
вели Георгиевски.
Тој смета дека од актуелната конфронтација и преписка меѓу Мицкоски и Груевски, несомнено корист имаат многу фактори, а најмногу СДСМ.
„Ајде сега да ја свртам работата малку про Груевски. Му се префрла дека тој преговарал за уставните промени. Не гледам што е проблем во тоа. Не треба Никола Груевски да преговара за уставните промени, требаше ДПМНЕ да преговара за уставните промени. Тоа е одговорноста на најголемата опозициска партија. Или сега пак од друга страна ВМРО ја исфрла борбата да нема уставни промени, како некоја драма од невидени граници, да речеме битката на Сутјеска и битката на Неретва да ги ставиме на едно место. Намерно ги спомнувам овие две битки затоа што најверојанто им се поблиски на членството на ВМРО-ДПМНЕ…Според мене да го поставиме основното прашање, дали ВМРО-ДПМНЕ чуствува на некое ниво дека треба да му помогне на еден лидер кој 11 години им давал власт на уште дваесетина луѓе коишто беа притворени и затворени и конечно на сите тие луѓе за 27 април кои се во затворите. Ако чувстуваат потреба да направат некој чекор, ова со уставните промени им е идеална можност“,
вели лидерот на ВМРО-НП.

Прашан од својот домаќин дали владејачката гарнитура е подготвена да му подаде рака на Груевски, во контекст на измените на Кривичниот законик и на уставните измени, оценката на Георгиевски е дека дефинитивно имало некакви пазари меѓу власта и бегалецот во Будимпешта.
„Според она што го чувстувам во воздухот и како наликуваат работите и она што зборува ВМРО-ДПМНЕ дефинтивно имало некои пазари. Јас не сум вклучен во тие пазари, ниту ги знам деталите, правам анализа од она што го слушаме од едните и од другите што зборуваат. Меѓутоа јас повторно го поставувам прашањето за ВМРО-ДПМНЕ, дали не сметаат дека ева ако од страна на СДСМ им е поодреден пазар до некое ниво ослободување на целата таа маса на луѓе, дали тоа не е доволна цена да ја платат со уставните промени. Според мене, да“,
рече Георгиевски во интервјуто.
Според него, извесно е дека имало разговори и меѓу поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев и Мицкоски, но тие, како што рече, не успеале затоа што ракодството на партијата не се согласило со „некои такви концепти“.
„Дефинитивно имало некои разговори тука, до каде оделе, до која длабочина не знам, меѓутоа има доста индиции дека имало разговори. Сега пак доаѓаме до тоа. Ако Груевски преговарал со Ковачевски, зарем не е исто така еретички од партиски поглед на ВМРО-ДПМНЕ, па Мицкоски да разговара со Заев. Според мене тоа е пата-пата, во поглед на политичкиот грев…На крајот на краиштата сметам дека државата нема ништо да изгуби ако двајца закоравени противници се сретна и се договорат за некоја работа“,
изјави Георгиевски.
Тој во интервјуто се осврна и на членот 353 од Кривичниот законик кој се однесува на делото злоупотреба на службената положба и овластување, каде со последните измени беа намалени затворските казни и беше воведена горна граница, што повлекува застарување на случаи што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство.
Членот 353, како што рече Георгиевски во интервјуто е законски член со најголема историја во македонскиот правосуден систем. Вели бил напишан за време на неговата влада, а во времето кога премиер беше Владо Бучковски имало обид за негова промена, но бил „срушен“ од Никола Груевски.
„Кога почна тразицијата раните 1990-ти години последната комунистичка власт го избриша членот 353 и првите 10 години од македонската транзиција кога беа најголемите приватизации, најголемите зделки во бизнисите и преточување на државниот капитал во приватен капитал 353 не постоеше. Тоа не знам зошто никој не го спомнува. Членот 353 го врати токму нашата влада…Овој член од КЗ е напишан од мојата влада и изгласан од мојата влада“,
вели Георгиевски.
Обидот за измени во членот бил направен откако во 2002 година ВМРО-ДПМНЕ ги губи изборите, а новата влада на СДСМ, предводена од Бранко Црвенковски почнала со масовни притвори на поранешните функционери во владата на Георгиевски врз основа на членот 353.
„Јас како одговорен за сите тие луѓе почнав преговори тој член да се смени и ќе ве потсетам дека во времето на Бучковски ние направивме некои отстапки, гласавме или правевме кворум за некои закони што им беа важни, а за возврат тие требаше да го променат 353 не како сега со толку голем интензитет, туку мислам дека требаше само да се конкретизира злоупотреба на службена должност, ама да се докаже и криминалот. Тој закон помина во првото читање. Знаете кој го сруши? Никола Груевски, од чисто популистички причини. Тој крена галама, како сега Мицкоски за Законот за амнестија…Ако е точно тоа што го зборува ВМРО-ДПМНЕ за уесбето што го давал Никола Груевски суштината е дека повторно се работи за 353 и Никола Груевски бара да биде сменет тој член, тој да биде ослободен од некој од предметите, не сите, ама неговите пријатели соработници од типот на Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и целата таа тајфа најверојатно во многу од тие случаи ќе бидат ослободени. Значи Никола Груевски го имаше тоа, тој го сруши. Сакам да ги потсетам и него, а и јавноста дека тоа што го сруши тој самиот од популизам, денеска плаче да му се донесе во Македонија“,
рече Георгиевски во интервјуто за „Трилинг“.