Премиерот денеска рече дека нашата и европската интеграција на Албанија се заложник на Бугарија и се сведени на зборување за историјата, а тоа го одобрува и самата ЕУ. Генчовска, пак, обвини дека македонската страна не го спроведува договорот и оти Бугарија чека конкретни чекори
Ставот на Бугарија за почетокот на преговорите помеѓу Република Северна Македонија и ЕУ е јасен и не може да се менува на претстојниот Совет за општи работи, изјави шефицата на бугарската дипломатија, Теодора Генчовска, коментирајќи ја денешната изјава на нашиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, кој рече дека топката сега е во полето на Бугарија.
„Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, често се појавува во медиумите и постојано зборува. Ова не е тениски или фудбалски натпревар за да зборуваме во кој тим е или на кој терен е топката. Нашиот став е исклучително јасен, имаме национален консензус за оваа тема. Не знам како појасно да му објаснам на господинот Османи“,
вели Генчовска.
Бугарската министерка, како што пренесуваат тамошните медиуми, ги отфрлила и обвинувањата од премиерот Димитар Ковачевски дека Бугарија ги зела Република Северна Македонија и Албанија како заложници.
„Тие не го исполнуваат договорот, ни требаат конкретни чекори. Веќе изгубивме пет месеци во разговори и интервјуа. Чекаме да започне реализацијата на договорот“,
вели Генчовска.
Ваквите изјави на шефицата на бугарската дипломатија доаѓаат откако денеска и Османи и Ковачевски излегоа со изјави во однос на спорот со Софија. Министерот за надворешни работи порача дека топката е во Бугарија и тие таму треба да ги консолидираат ставовите за тоа што понатаму.
„Ние не работиме на нешто ново од тоа што досега го разговаравме, туку очекуваме Бугарија да има консолидиран став за тоа што понатаму. За жал, комуникација има, но конкретни разговори, сè додека не го чуеме консодилираниот став на Бугарија – нема“,
рече Османи.
Премиерот Ковачевски, пак, на денешниот регионален самит „Македонија 2025“ кажа дека нашата европска интеграција е заложник на Бугарија и на зборување за историјата, прозивајќи ја и ЕУ дека тоа го одобрува.
„Нашата европска интеграција, зборувам за Северна Македонија и за Албанија, е заложник на Бугарија. Таа наша европска интеграција е сведена на зборување за историја, што практично сите земји од Европската Унија гледам дека го оправдуваат. Според мене, тоа е погрешно бидејќи кога се зборува за историја не се ветува ништо туку само се зборува за нешто што се случило пред 100-150 години. Тоа е класична уцена и не може да произведе никаков бенефит за никого. Затоа сметам дека зборувањето за теми што ја засегаат иднината на државата се многу значајни и на таква основа треба да се водат сите разговори“,
рече Ковачевски.