Гаши вели дека поддржува идеи кога се работи за државнички пристап кон работите, но сепак не сака да коментира изјави на други политички актери

Понудата од лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, упатена до власта да направат заедничка натпартиска државна стратегија која ќе го гарантира долгорочниот развој на државата и ќе ги обедини политичките партии околу реални и издржани планови, денеска доби поддршка од претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Гаши вели дека поддржува идеи кога се работи за државнички пристап кон работите, но сепак не сака да коментира изјави на други политички актери.
„Поддржувам идеи кога се работи за државнички пристап кон работите, но сепак како претседател на Собранието не сакам да се инволвирам во вакви работи. Јас би поддржал, би учествувал ако мислат дека можам да помогнам, но не мислам дека треба да коментирам политички изјави на други политички актери во државата“,
рече Гаши во одговор на новинарско прашање на денешниот брифинг.
Филипче вчера ја повика власта да создадат заедно државна стратегија и платформа која ќе биде натпартиска, наднационална и надетничка. Предлогот на Филипче е да се создаде заедничка платформа во која сите партии ќе имаат свој придонес и никој нема да ја поседува. Тоа, според него, е рецепт за вистинско обединување.
Филипче за изработка на таквата платформа предложи конкретни чекори – формирање тимови од сите парламентарни партии кои ќе работат на ваквата платформа, дефинирање на стратешките позиции во сите области, дефинирање на клучните проекти и во здравството, и во образованието, и во надворешната политика.