Од вчера, носењето на заштитна маска за лице е задолжително за сите граѓани во земјата. Според владината уредба со законска сила, има само неколку исклучоци и тоа за лице/a кое:
– носи посебна лична заштита на лицето во рамки на извршувањето на нивните работни задачи;
– престојува во двор на станбена семејна куќа;
– вози велосипед или спортува на отворено како индивидуални спортски активности;
– патува во патничко моторно возило со лица со кои што лицето живее во заедница или домаќинство или
– се движи на јавни места и површини од отворен тип и целосно го одржува дозволеното минимално растојание од најмалку два метри од друго лице..
Кусата обиколка која „360 степени“ ја направи низ центарот на Скопје покажува дека не сите граѓани се придржуваат до мерките. На пример, на еден од најфрекфентните пешачки премини кај улица „Македонија“, иако граѓаните се разминуваат на мал простор (на растојание помало од два метри) не сите носеа заштита за устата и носот. Поточно, бараме половината имаа маски кои се соодветно ставени на лицето. Останатите или ги носат маските под носот или под устата, а некои воопшто не носат маски.

Слична сцени можевме да забележиме и на улицата „Македонија“ каде пешаците имаа маски или марами, но со нив е покриена само устата или пак ниту устата ниту носот.


Уште еден пример дека граѓаните не ги почитуваат мерките или пак не се доволно информирани зошто треба да се носат маските е следната фотографија од автобуска станица спроти МНТ. Едната госпоѓа на сликата носи маска, другата ја држи во раце. Во автобусот кој го чекаат е забрането да се возат без маски.

Како што пропишува и владината уредба, маски не мора да носат велосипедистите. Барем оние кои ги затекнавме низ Скопје, се чини дека беа добро информирани.



Целта на носењето маски, дури и на отворен простор на кој не може да се држи растојание поголемо од два метри, е да се намали можноста за пренесување на ковид-19. Во повеќе јавни настапи, стручните лица објаснуваа дека заштитата на устата или носот пред се ја намалува можноста носител на вирусот да зарази други лица. Секундарна придобивка би требало да биде спречување на допири на устата или носот со рацете, кои можеби се контаминирани по допир на јавни површини.