Ситуацијата на северот на Косово, во околината на селото Бањска синоќа, како што пренесе Н1 била мирна, а според полицијата детален увид и истрага се врши во целото село. Министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани, соопшти дека се работи на зајакнување на присуството на КФОР меѓу територијата на Косово и централна Србија
Косовската полиција во Јужна Митровица го покажа оружјето, возилата и предметите запленети во селото Бањска на северот на Косово по завчерашниот напад на вооружената група во кој загина полициски старешина, а три лица од групата беа убиени и неколкумина уапсени.
На прес-конференцијата на косовското Министерство за внатрешни работи, на која присуствуваа високи офицери и раководители на полицијата, беше презентиран списокот со запленетото оружје.
Меѓу она што е запленето, според косовската полиција, се стотици видови оружја од различен тип и калибар, униформи и логистичка опрема, вклучително и воено оружје од тежок калибар како гранати, „зољи“, митралези, „калашникови“, рачни гранати, беспилотни летала, муниција, радиоврски, телефони и картички, алатки за работа, мапи, воени униформи и разна документација.
Косовската полиција, како што пренесе српската телевизија Н1, повикувајќи се на „Коссев“, уапсила уште две лица во хотел во Бањска, каде што, според информациите, е пронајдено и оружје.
Уапсените се хотелски работници, изјавил за „Коссев“ заменик-командантот на косовската полиција за северот на Косово, Ветон Ељшани.
Ситуацијата на северот на Косово, во околината на селото Бањска синоќа, како што пренесе Н1, била мирна, а според полицијата детален увид и истрага се врши во целото село.
КФОР го зајакнува присуството на северот на Косово
Министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани, соопшти дека се работи на зајакнување на присуството на КФОР меѓу територијата на Косово и централна Србија.
„Италија е протагонист на мирот на Балканот. Зборував со претседателот (Александар) Вучиќ и со премиерот (Албин) Курти. Побарав од двајцата да поттикнат дијалог меѓу страните“,
рече Тајани.
L’?? protagonista di pace nei #Balcani. Ho parlato con Pres. Vucic e con PM Kurti. Ho chiesto ad entrambi di favorire il dialogo tra le parti. D’accordo con @GuidoCrosetto lavoriamo per rafforzare la presenza di KFOR al confine tra Serbia e Kosovo e prevenire ulteriori scontri.
— Antonio Tajani (@Antonio_Tajani) September 25, 2023
Тој на социјалната мрежа „Икс“ рече дека во договор со Гвидо Кросет, министерот за одбрана на Италија, се работи на зајакнување на присуството на КФОР на административните премини за да се спречат понатамошни конфликти.
Вчера посредникот на Европската Унија во дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, разговараше за ситуацијата на северот со американскиот претставник Габриел Ескобар, како и со германските и француските специјални советници, Јенс Плетнер и Емануел Боне, како и италијанскиот советник, Марио Тала.
Тој рече дека имал интензивни и многу значајни консултации.
„Разговаравме за следните чекори во спроведувањето на Договорот за патот кон нормализација на ситуацијата на северот на Косово. Ви благодариме за целосната поддршка“,
напиша Лајчак во објавата на социјалната мрежа Твитер.
Intense and very substantial consultations with Chief diplomatic advisers Bonne, Plötner, Talo and DAS Escobar. We discussed the next steps in the implementation of the Agreement on the Path to Normalisation and the situation in the north of Kosovo. Grateful for the full support. pic.twitter.com/UIFNVQ3IOE
— Miroslav Lajčák (@MiroslavLajcak) September 25, 2023
Според последните официјалните информации, во инцидентите кои траеле повеќе од 15 часа загинале вкупно пет лица. Од нив – еден припадник на косовската полиција и четворица напаѓачи. Воедно, последните информации се дека во врска со вчерашните судири во Бањска се уапсени шест лица, од кои двајца се ранети.
И додека сè уште постојат нејаснотии кој стои зад нападот кај селото Бањска, официјалните власти во Белград и Приштина продолжуваат со меѓусебните обвинувања за одговорноста за последните случувања на северот на Косово.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечља, побара од Србија да му ги предаде на Косово лицата кои ја нападнаа косовската полиција, за, како што рече, да одговараат пред судските органи за терористички дејствија.
На заедничката конференција со полицискиот директор Газменд Хоџа, Свечља рече дека најмалку шест напаѓачи се повредени во неделната акција и се сместени во болницата во Нови Пазар.
Според министерот за внатрешни работи на Косово, планот на Србија бил ескалација на ситуацијата, што не успеало.
„Нивниот план за ескалација на ситуацијата не успеа. Убиени се најмалку тројца, сите во униформа и воена опрема, а другите двајца се уапсени и четворица кои биле во споредна улога во оваа активност“,
рече тој.
На прес-конференцијата на која беше презентиран арсеналот оружје, униформи и логистичка опрема запленети од косовската полиција, Свечља рече дека во едно од возилата, марка „мерцедес“ со БГ-таблички биле пронајдени документи на име на заменикот на Српска листа, најголемата партија на Србите на Косово, Милан Радоичиќ.
Министерот за внатрешни работи на Косово рече дека постојат сомнежи дека Радоичиќ бил дел од 30-члената група која ја нападна косовската полиција.
„Најдовме документација во едно од возилата, со документација на Радоичиќ. Имаме и други разузнавачки информации дека тој бил еден од водачите на таа група. Како што реков претходно, сега е должност на полицијата детално да ги докаже сите факти. Факт е дека тоа што го гледате не може да се подготви во еден ден и без ангажман на раководството на државата Србија“,
рече Свечља, пренесува Н1.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, вчера во видео порака на Инстаграм информираше за средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и за мерките што треба да се преземат во врска со ситуацијата на Косово.
Сепак, таа не прецизираше што било одлучено на состанокот, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Брнабиќ ги демантираше наводните и толкувањата на одредени медиуми во Србија дека Вучиќ на прес-конференцијата на 24 септември „целата вина за крвопролевањето ја префрлил на Србите (на Косово)“.
„Нема човек во Србија кој јасно не слушнал дека Александар Вучиќ рекол дека единствен, единствен и исклучителен виновник за крвопролевањето на Косово и Метохија е (премиерот на Косово) Албин Курти и неговата политика“,
рече Брнабиќ.
Таа ја повтори претходната изјава на Вучиќ дека никогаш нема да ја признае независноста на Косово.
Косовската полиција на 24 септември во раните утрински часови беше нападната од група маскирани и вооружени лица на северот на Косово, откако органите на прогонот се обидоа да ги отстранат барикадите поставени во Бањска и Звечан.
Вооружената група потоа се засолнила во манастирот Бањска, каде се судриле со косовската полиција.
Во инцидентите беше убиен наредникот на косовската полиција Африм Буњаку, додека неколку други полицајци се повредени.
Косовскиот премиер Албин Курти ги опиша вооружените напаѓачи како „организирана професионална единица која дошла да се бори на Косово“.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференција завчера изјави дека напаѓачите се локални Срби од Косово, „кои повеќе не можат да го издржат теророт на Курти“.
Вучиќ негираше дека Белград има некаква врска со нападот.