Она што за мене е најважно, е како овие млади луѓе ќе ја вршат својата професија во иднина, дали ќе покажат ефикасност, резултати и интегритет во нивното работење, без разлика на нивното презиме, вели директорката апелирајќи да им се даде шанса на кандидатите да се покажат
Зборувајќи на тема за седмата генерација кандидати кои ја завршија Академијата за судии и јавни обвинители, а меѓу кои се најдоа имиња на роднини на носители на јавни функции, директорката на оваа институција, Наташа Габер-Дамјановска, во интервју за МИА нагласува дека според Уставот секој граѓанин има право да учествува во вршење на јавните функции, меѓу кои се и судиите и обвинителите.
Во таа насока, според неа, зачудува што се жигосуваат некои лица.
„Академијата работи и одлучува почитувајќи ги Уставот и законите на нашата држава. Ако според Уставот секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавните функции, значи и судија, обвинител и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, член 32 став 2 и со оглед на тоа дека на јавен конкурс отворен за тестирање на кандидати за слушатели во Академијата не смее да се дискриминира, зачудува логиката на жигосување некои лица само поради нивното звучно име и семејна припадност бидејќи се пријавиле, поминале низ процесот на тестирање, се запишале и потоа ја завршиле почетната обука. Зарем е изненадувачки фактот што токму тие лица што се запишале во Академијата, ако при обуката ги положиле тестовите, практичниот дел од наставата и завршниот испит – тие завршиле и ќе бидат избрани за судии/обвинители“,
вели Габер-Дамјановска.
Директорката не смета дека треба да се критикува семејната традиција во однос на некои професии бидејќи тоа не е случај само со правната професија, туку и со други – медицина, инженерство, па и новинарство. Она што е најважно, вели таа, е тие да покажат интегритет и ефикасност во работата.
„За мене е тоа нормално, бидејќи потомството расте во средина во која нивните родители зборуваат за својата работа, поседуваат соодветна литература и информации, негуваат одреден афинитет кој влијае врз нив. Погледнато подлабоко, мислам дека најголемиот број академци од оваа генерација имаат такви допирни точки со правната професија. Но, она што за мене е најважно, е како овие млади луѓе ќе ја вршат својата професија во иднина, дали ќе покажат ефикасност, резултати и интегритет во нивното работење, без разлика на нивното презиме, бидејќи истиот тест ги чека сите завршени слушатели, не само оваа конкретна група за која се зборува во јавноста. Апелирам да им се даде шанса на сите да се докажат, бидејќи и успехот и одговорноста во оваа професија се неизбежно лични“,
вели Габер-Дамјановска.
Директорката нагласува дека она на што секако треба да внимаваат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители е на кои работни позиции ќе ги изберат, односно во кои судови и обвинителства за да не биде во спротивност со Законот за судир на интереси.
„По стапувањето на должност, бездруго, нивното работење еднакво како и на другите колеги, ќе се приспособи на стандардните правила за изземање од определени случаи кога постои судир на интереси. Впрочем, двата совета на годишно ниво ја следат и оценуваат работата на сите судии и обвинители, а тоа е битен чинител при унапредувањето“,
вели Габер-Дамјановска.
Во интервјуто таа ги објаснува и условите кој сè може да конкурира да биде слушател на Академијата за судии и јавни обвинители, при што наведува дека иницијално може да конкурира секое лице државјанин на Северна Македонија кое е неосудувано, нема изречено мерка против него за забрана за вршење професија или дејност, кое е дипломиран правник со положен правосуден испит и има работен стаж од најмалку две години по правосудниот испит.
Понатаму, нагласува таа, процесот на полагање е прилично долг поради законските рокови и не е лесен.
„Се полага странски јазик при Академијата, потоа квалификациски испит, психолошки тест, тест за интегритет, решавање на кривичен и граѓански предмет преку студии на случај и, крајно, устен дел од испитот. Сите фази се полагаат со полно присуство на десетчлена комисија за приемен испит. Кандидатите имаат право на увид во стручните, правни делови од нивниот тест, по што можат да поднесат приговор до комисијата за приемен испит и жалба до Управниот одбор. Откако целата постапка во рамки на Академијата ќе заврши, незадоволните кандидати во однос на освоените бодови, имаат право да покренат управна постапка. Целиот процес одзема долго време, најмалку една година. По окончување на сите овие фази, примени се оние кандидати кои се највисоко рангирани по бодови, за онолку позиции колку се предвидени во склад со однапред определените квоти по етничка заедница. Ако некои квоти од која било причина не се пополнат, на тие места се примаат лицата со највисок број бодови, без разлика на која квота припаѓаат“,
објаснува директорката.